1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Задоволните Германци и среќните Данци

Финансиската криза влијае врз расположението на европските граѓани. Според најновата студија на ОЕЦД, многумина се чувствуваат незадоволно, но има и исклучоци. Германците се задоволни, клучот на среќата го држат Данците.

Без оглед на финансиската криза, Германците се позадоволни со своите животи од порано, пред избивањето на кризата. Процентот на оние кои се чувствуваат „многу задоволни“ се искачил во последните пет години од 53 на 61 отсто.

„Овој раст од осум проценти е навистина значаен, тој не е случаен“, вели Паул Шрајер, еден од авторите на најновата студија на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) во која се истражуваше животниот квалитет на жителите на Европа. Меѓутоа, Германците во своето задоволство, во моментов, очигледно се осамени.

Атмосферата на југот на Европа не е воопшто блескава. Жителите на Грција, Шпанија, Италија во текот на кризата не само што загубија дел од своите приходи, туку го загубија и чувството на доверба во иднината. Чувството на задоволство во овие земји, од почетокот на кризата во 2007. падна за 20 проценти. Уште повеќе во овие земји е намалена довербата во тамошните влади.

Германците и‘ веруваат на владата

Студијата на ОЕЦД беше воведена како дел од Иницијативата за подобар живот, со која организацијата со години наназад ја следи состојбата во одредени земји. Една од главните пораки на оваа студија до владите е дека е подобро во својата работа да не се фокусираат толку на бруто-социјалните приходи на граѓаните и да посветат повеќе внимание на факторите кои влијаат врз расположението и чувството на задоволство. Во таа категорија првенствено спаѓаат поволните станбени простори, праведноста во однос на месечните примања, можноста за образование, како и квалитетот на опкружувањето.

Она што особено изненадува е што Германија по исполнувањето на овие критериуми се наоѓа некаде на средината на табелата на европските земји, но нејзините граѓани и покрај тоа се чувствуваат задоволни и тоа чувство е во постојан пораст. Во истовреме во пораст е и чувството на доверба во владата во земјата, и тоа од 35 на 42 проценти.

Социологот Штефан Вајк од Институтот Лајбниц веќе подолго време го истражува феноменот на поврзаноста на чувството на задоволство, довербата во владата и воопшто довербата во работата на државните органи во одредени земји. Тој утврдил дека првенствено Данците во Европа живеат поопуштено и позадоволно од мнозинството други народи.

Не е сѐ во парите

„Треба да се води сметка и за високите примања во Данска, но, тоа не објаснува сѐ. Истражувањата во бројни европски земји покажаа дека откако ќе се достигне одреден стандард, одредени ниво на животен квалитет, чувството на задоволство не се зголемува ниту во случај кога растат месечните примања“, вели Вајк. Тој смета дека задоволството на Данците нема само материјални, туку и општествени причини. „А тоа пак има врска со довербата во владата, државните органи и институции. Врз основа на оваа доверба, Данците ја поднесуваат кризата подобро од другите. Опасноста од губење на работното место секако постои и таму, но луѓето едноставно веруваат дека доколку загубат една, ќе најдат друга работа“, вели Вајк.

Како пример за спротивна атмосфера од таа во Данска, Вајк ја наведува состојбата во Полска, Чешка и другите источноевропски земји. Причината е токму во недостатокот на доверба во државните институции, иако всушност, со оглед на материјалната состојба би можеле да бидат позадоволни од тоа што се.

Според проценките на ОЕЦД, состојбата на југот на Европа, поради економската криза, би можела и дополнително да се влоши. „Особено високиот процент на невработеност меѓу младите во овие земји носи долгорочни негативни последици. Тие земји го губат ткн. капитал на хуманост, а тој се губи доколку на младите им е потешко да најдат работа. Младите ја губат шансата за стекнување и собирање искуство, а со тоа слабеат и нивните шанси за иднината“, смета Шрајер.