1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Загубен брат - односите на Турција и Сирија

Политичко ледено доба меѓу Турција и Сирија. Соборувањето на турскиот борбен авион е последниот момент во влошените односи меѓу двете земји кои долго време имаа добро меѓусебно разбирање.

default

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на почетокот на 2011 година се‘ уште зборуваше за „турско-сириско братство“, но овие времиња се минато. Од пред повеќе од една година владините и опозициските сили во Сирија се во меѓусебен судар. Турција сакаше да посредува во конфликтот, но беше игнорирана од страна на сирискиот режим. Потоа двете земји ги протераа дипломатите.

А, судбините на двете земји долго време беа поврзани една со друга. Сирија со векови беше дел од Османлиското царство. Турците владееја со целиот регион, како и со делови на северна Африка. Во Првата светска војна царството се распадна и Арапите и Сиријците веќе не беа под турска власт. Историски погледнато, значи, има различни врски, оценува експертот за Блискиот исток Петер Филип, кој сепак додава: „Не верувам дека секојдневната политика денес е под влијание на минатото“.

Тензија и релаксација

Оттогаш, меѓу Турција и Сирија постојано има тензии. Во времето на студената војна Турција припаѓаше на страната на западните сили, додека Сирија негуваше добри односи со Советскиот сојуз. До денес, единствената руска база во Средоземјето се наоѓа во пристаништето во сирискиот град Тартус. Во 1990-тите години Сирија на водачот на Курдската работничка партија Абдула Оџалан му понуди политички азил. Турција се закани со војна. Оџалан мораше да ја напушти Сирија и заврши во затвор во Турција.

Потоа односите меѓу двете земји значително се релаксираа. Границата беше отворена, укинати беа визите, а сосема беа укинати и трговските ограничувања на заедничката граница.

Syrien Türkei Bashar Assad Recep Erdogan Bodrum

реџеп Таип Ердоган и Башар ал-Асад со сопругите во Бодрум, во август 2008 година

Економски интереси

Турција, која во изминатите децении доживеа силен економски полет, беше се разбира заинтересирана и за изградба на нови трговски патишта, оценува експертот Петер Филип. „Турција негува блиски економски контакти со повеќето блискоисточни земји, а Сирија како соседна земја, се разбира, е интересен пазар“. Во секој случај таа е транзитна земја за оружјето од Турција кое оди во другите земји во регионот.

Но, и покрај подобрените односи, некои прашања останаа нерасчистени. Двете земји речиси сто години се караат околу крајбрежната провинција Хатеј, која по вриежот на Првата светска војна подоцна и‘ беше дадена на Турција. И Курдите, кои се потиснувани и во Турција и во Сирија, предизвикуваат дополнителни тензии.

Syrien 15.03.2012 Türkei Flüchtlinge Flüchtlingslager Reyhanli Hatay

Турција прими 30.000 сириски бегалци

Различна надворешна политика

Турција долго време кон останатите држави во регионот негуваше надворешна политика која многу се потпираше врз неутралност и дијалог. Турската влада, на пример, посредуваше меѓу Сирија и Израел. „Тоа долго време имаше позитивен ефект врз односите на Анкара и Дамаск“, вели Филип. Сириската надворешна политика не може да се спореди со тоа. Според Филип, Сиријците при големите дипломатски акции секогаш биле воздржани.

До прекин меѓу двете држави дојде во 2011 година. Турската влада мораше да се одлучи дали и натаму ќе го поддржува долгогодишниот „брат“ Асад или опозицијата. Турција го напушти неутралниот курс и зазеде јасен став. Оттогаш е на страната на опозиционото движење. Таа бара оставка на Асад, им нуди засолниште на сириските опозиционери во граничното подрачје и прифати повеќе од 30.000 бегалци.

„Турција денес ни оддалеку не е мирниот сосед на Сирија“, оценува Петер Филип. Семих Идиз, специјалист за надворешна политика при либералниот дневен весник „Милијет“ вели дека Турција во меѓувреме е поинаку позиционирана отколку пред неколку години. „Со заземање страна во тешките конфликти во регионот, Турција ја загуби поранешната улога“, вели Идиз во разговор за ДВ. Односите се влошени и со Израел, Иран и Ирак.

Phantom F4 der türkischen Luftwaffe

Како ќе заврши кризата со соборениот турски борбен авион?

Непредвидливи последици

Експертот за Блискиот исток Петер Филип не верува дека Турција би можела да интервенира воено во Сирија, затоа што не се сака натамошно вовлекување во војната, дури и за самозаштита. Границата меѓу Турција и Сирија е долга 900 километри. Евентуална војна би дестабилизирала многу региони во Турција. Но една земја како Турција би можела да биде вовлечена во конфронтација дури и ако тоа не го сака, нагласува Филип. И Турција и Сирија имаат силни трупи. Турција е членка на НАТО, а Сирија има пакт за поддршка со Ирак. Би можело да дојде со таканаречен „случај на алијансата“, кој се однесува на ситуации кога правилата на алијансата стапуваат на сила во случај една нација да биде нападната од друга, а тоа за двете земји би имало несогледливи последици.