1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Загубена генерација!

Еврокризата ја става Европа пред огромни предизвици. Особено младите луѓе се борат со невработенсота и недостигот на перспективи. Со програма за помош ЕУ сака да и‘ помогне на „загубената генерација“.

Елена Силвестра бара работа. Таа има 25 години, живее во Мадрид и има завршено мастер студии по право и меѓународна трговија. Пред неколку години тоа ќе беше гаранција за добро платено и сигурно работно место. Но тие времиња се минато, вели Елена: „Работните места кои стојат на располагање се лошо платени. Јас би заработила 300 евра за цело работно време“. Бидејќи со тие пари никој не може да живее, Елена се врати да живее кај нејзините родители. Тие ја плаќаат храната, станарината и автобускиот превоз.

Економската криза со сета сила ги погаѓа младите луѓе како Елена. Од почетокот на кризата невработеноста меѓу младите во државите на ЕУ се зголеми од 15 на 23 проценти. Според актуелните податоци на Евростат, околу 5,6 милиони млади на возраст од 15 до 24 години се без работа. Особено драматична е ситуацијата во кризните земји Шпанија и Грција. Таму повеќе од половина од младите се невработени, притоа не се бројат учениците и студентите. 

Константин Гурдгиев е професор за финансова политика на Тринити колеџот во Даблин. Тој знае зошто рецесијата особено ги погаѓа младите луѓе: „Младите вработени се помалку организирани во синдикати и честопати имаат само временски ограничени договори. Едноставно поевтино е за фирмите, во криза прво да ги отпуштат младите. За повозрасните вработени мораат да плаќаат повисоки отштети“.

Повеќе невработени млади, тоа значи помали даночни приходи за државата и помала потрошувачка. Оној кој како млад човек живее на егзистенцијален минимум, тој не формира семејство, не купува куќа ниту автомобил. Нашите социјални системи, во кои младите плаќаат за старите, би можеле да бидат нарушени.

Тест за целото општество

Развојот на крајот би можел да го загрози и социјалниот мир, вели Гурдгиев. Бидејќи младата генерација се чувствува оставена на цедило од конзервативците и социјалдемократите, на тежина ќе добијат екстремистичките движења и партии. Немирите на младите на маргините на општеството во Париз, Лондон и последно во Стокхолм не навестуваат нешто добро. Проблемот е што дури и сега да се опорави економијата, оваа генерација ќе остане загубена.

EU Gipfel Merkel mit Rompuy und Ashton 28.06.2013

ЕУ бара начин да се справи со невработеноста меѓу младите

Имено, подолго невработените на пазарот на трудот ќе треба да конкурираат со новите апсолвенти. Без работно искуство и мотивација, тоа е тешка задача, вели Константин Гурдгиев.

Од почетокот на годинава оваа тема е високо на политичката агенда. На крајот на јуни шефовите на држави или влади на ЕУ во Брисел усвоија програма против невработеноста меѓу младите во Европа. Со подобро посредување и натамошна надобразба тие сакаат да постигнат секој млад човек во рок од четири месеци да добие работно место, пракса или можност за натамошна надобразба. За таа цел ЕУ сака да стави на располагање шест милијарди евра.

Шест милијарди евра меѓутоа не се многу во споредба со високите суми, кои од почетокот на финансиската криза се вбризгуваат во спас на банките. „Се разбира потребни ни се повеќе пари за образованието“, вели Гурдгиев и дополнува: „Освен тоа треба да се свртиме кон практично ориентираниот систем за образование, каков што имаат Германија и Шведска“.

Суштинскиот проблем меѓутоа е друг: „Не ни недостасуваат образовани млади луѓе. Потребен ни е поголем претприемачки дух“. Со подинамично стопанство повеќе млади луѓе ќе можат да заработат за живот, смета Гурдгиев. Тој затоа се залага за натамошна дерегулација. Логиката за ваквиот предлог е следната: доколку сите немаат заштита од отказ, тогаш рецесијата ќе ги погоди сите поеднакво. За ова меѓутоа нема големо разположени кај политиката и тешко би можело да се спроведе.

Константин Гурдгиев затоа има само еден совет за невработените млади жени и мажи. „наредните децении ќе бидат многу тешки. Кој е добро образован би требало да се отсели од ЕУ.“ Доколку ситуацијата не се смени, Елена сака да го стори токму тоа. Бидејќи во Велика Британија и Германија веќе има многу Шпанци, нејзина цел е Латинска Америка.