1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Загрозен германскиот систем за рециклирање „Зелена точка“

Повеќе од 20 години познатиот германски систем е водечко светло за рециклирање низ целиот свет. Сега наместо да го водат системот исклучиво приватни фирми, комуналните јавни компании сакаат да бидат дел од раководењето.

Германската програма за рециклирање „Зелена точка“ е повторно загрозена. Системот, кој датира од првите германски прописи за амбалажа од 1991, е спорен последниве две децении од различни причини, главно поради прашањата за трошок и ефикасност.

Сега Асоцијацијата на локални комунални компании (ВКУ) се надева целосно да го укине сегашниот германски систем на одвојување на сметот, собирање и рециклирање. ВКУ ги застапува интересите на локалниот јавен комунален сектор во Германија и велат дека нивните членови треба да го земат во нивни раце управувањето со сметот.

Der Grüne Punkt (Зелена точка), како што е познат во Германија, е систем осмислен од Клаус Топфер, германскиот министер за животна средина во раните деведесетти. Системот е осмислен за производителите и набавувачите да ги земат назад искористените амбалажи и за да ги совлада растечките купови од смет и да ги добие назад вредните материјали за рециклирање, наместо тие да бидат закопани во земја.

Откако системот беше претставен, често на шега е спомнувано дека Германците си развиле ново хоби на национално ниво: одвојување на сметот.

Долгорочен монопол

Deutschland Umwelt Der Grüne Punkt Logo auf Verpackung

Oзнаката „Зелена точка“ може да се види на конзерви, чашки за јогурт и картони за млеко, како и на други видови на амбалажи за храна

Кратко пред да бидат воведени прописите за амбалажа во 1991, индустријата за трговија на мало и потрошувачки добра основа нова организација, наречена Германски двоен систем (ДСД). ДСД ја претстави ознаката „Зелена точка“, која сега може да се види на конзерви, чашки за јогурт и картонска амбалажа за млеко, како и на други видови на амбалажи за храна. Производителите и дистрибутерите за да ја имаат еко-ознаката на своите производи, мораат да платат надоместок за лиценца.

„Со воведувањето на прописите за амбалажа, ДСД се послужи со функцијата клириншка куќа (платен промет на мало) за одобрување на надоместоци за лиценци и издавање на лиценци“, вели Патрик Хазенкамп, од Асоцијацијата на локални комунални компании (ВКУ). Но потоа, дополнува тој, ДСД ги стави во прв план своите финансиски интереси за да оствари висок профит.

Како резултат, вели Хазенкамп, квалитетот на рециклирање спласна, додека трошоците за рециклирање пораснаа. Како дел од неговата нова визија, тој сака централно оперативно место, за да нема приватизација на управувањето со сметот.

Покрај тоа, вели Хазенкамп, исфрлањето и одвојувањето на ѓубрето, треба да биде регулирано на друг начин, затоа што материјалите како стакло, хартија, метал веќе имаат вредност и поради тоа не треба да бидат исфрлени преку систем за враќање на производот.

Конуренција и ефикасност

Портпаролот на ДСД, Норберт Вол, вели дека критиката е неоснована и ја брани неговата компанија дека профитира. Освен тоа, тој образложува дека трошоците на граѓаните полека опаѓаат со текот на годините. Тој ја посочува Франција, каде сметот е управуван од општините.

Norbert Völl

Норберт Вол: „Во Франција, се собира помалку амбалажен смет, но трошоците се исти дури и понекогаш повисоки од Германија“

„Во Франција се собира помалку амбалажен смет, но трошоците се исти дури и понекогаш повисоки од Германија, бидејќи таму нема контрола врз ефикасноста и користа“, вели Вол, и додава дека се плаши дека би можело да се случи истото во Германија ако управувањето со сметот е предадено на општините.

Дваесет и шест европски земји го претставија системот „Зелена точка“, но локалните проекти немаат економска поврзаност со ДСД. Велика Британија и Италија решија да не го користат системот.

„Се решава на локално ниво колку и што е потребно да се рециклира“, вели Вол. Резултатот е многу ниска стапка на рециклирање - едвај во линија со целите на ЕУ.

Многу експерти од индустријата велат дека сега машините можат многу поефикасно да ги разделуваат рециклажните материјали отколку луѓето. Ако е тоа случајот, останува едно прашање во Германија: Дали ќе бидат локалните власти или приватните компании тие кои ќе водат сметка за рециклажните погони на иднината?