1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Загрижувачки раст на македонскиот долг

Растот на долгот на Македонија е една од главните забелешки во економскиот дел од извештајот на EK за напредокот на земјата. Експертите се загрижени, советуваат задолжување само за продуктивни проекти.

Растот на надворешниот и јавниот долг на Македонија ги загрижува експертите. Предупредуваат да се внимава со динамиката на задолжување, бидејќи во услови на намалена економска активност и пад на брутодомашниот производ раздолжувањето може да биде проблематично. Долговите ќе ги враќа државата, но главниот товар ќе падне врз реалниот сектор, предупредува универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров:

„Би требало да се води политика-односот на долгот према БДП не се менува. Но ако долгот расте, а БДП опаѓа, тогаш долгот се менува. Тоа значи долгот расте. Динамиката на пораст на долгот е прилично значајна, од осум ипол до девет отсто расте годишно, а македонскиот БДП засега опаѓа или можеби ќе се задржи на 0,6 до 0,9% оваа година, што значи дека се покажува неспособноста, дека државата заедно со нејзината економија ја влошува состојбата во однос на задолжувањето“, вели Шукаров.

Понеповолни камати

Какви и да бидат изворите на задолжување во иднина тие според Шукаров ќе бидат неповолни за Македонија бидејќи долговите што се креираат со поголема динамика креираат и понеповолни камати. Затоа тој предупредува дека мора да се води политика на задолжување што ќе може да се врати.

Mazedonien Land und Leute

„Никој не е загрижен од висината на бруто долгот на Јапонија спрема странство, зашто таа е способна да го врати. Во Македонија имаме еден проблем, а тоа е брутодомашниот производ не расте, невработеноста се зголемува, дознаките од странство се зголемуваат, што значи дека Македонија не е способна да креира нови работни места и нови развојни можности што би можеле да доведат до лесно враќање на долговите. Ние креираме трговски дефицит, што значи Македонија нема компаративна предност. Доколку земаме долгови тогаш тие можат да бидат конкурентно вратени доколку се пласираат, се трошат во таканаречената продуктивна инфраструктура, а тоа според теоријата се патишта, мостови тунели итн, но и во образование и невработени односно социјалниот сектор“, смета Шукаров.

Продуктивно искористување на средствата од странство

Со сличен став е и професорот Зоран Ивановски. Тој предупредува сериозно да се разгледа прашањето на задолжувањето на државата виза ви капацитетот на домашната економија да ги сервисира тие обврски во наредниот период:

„Се разбира тоа ќе биде можно единствено доколку имаме раст на националната економија која за жал и оваа година ќе биде успех ако надмине еден процент, а проекциите и за наредната година би рекол дека не се баш поволни. Оттука се наметнува како обврска за Владата да внимава околу продуктивно искористување на инвестициите и средствата кои ги обезбедува како дополнителна акумулација однадвор, односно со задолжување во земјата“, советува Ивановски.

Состојбата со долгот беше нотирана и во делот на забелешките во Извештајот за напредокот на Макеоднија, подготвен од Брисел, во кој се констатира дека јавниот долг се искачил над 30, а надворешниот над 60% од БДП. Владата сепак не демонстрира загриженост, туку напротив е задоволна што Македонија била во редот на петте најниско задолжени земји. Како последно најавено е ново задолжување во висина од 200 до 250 милиони евра на меѓународниот пазар со гаранција од Светска банка за покривање на долговите за наредната година.