1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Завршница на судењето на Воислав Шешељ

Обвинителите од Хашкиот трибунал од понеделникот (05.03) ги изнесуваат завршните зборови на судењето против Воислав Шешељ, шефот на Српската радикална партија.

Шешељ одговара за злосторства против човештвото во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина. Завршните аргументи хашките обвинители ќе ги образложуваат до денеска (07.05.), а Шешељ во својство на застапник на сопствената одбрана завршните зборови ќе ги изнесува следната недела.

Обвинителката Лиза Бирсеј рече дека Шешељ значително придонесол во остварувањето на „Голема Србија“, како цел на здруженото злосторничко делување, со својата непрекината „пропагандна омраза“ против несрбите, но и „со регрутирањето и испраќањето доброволци на боиштата“, кои за таа цел биле подготвени да направат злосторства. „Со својот говор на омраза, обвинетиот направи прогон на Хрватите во Вуковар и Хртковци“, додаде обвинителката, давајќи конкретни примери за етничко чистење.

Лидерот на српските радикали е во притвор во Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 24-ти февруари 2003-та година. Тој е обвинет дека направил воени злосторства во периодот од 1991-ва до 1993-та година над несрпското население во големи делови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Војводина. Шешељ е обвинет и за прогони на политичка, национална и верска основа, присилно преместување на население и нехумани постапки врз него, кои се квалификувани како злосторства против човештвото.

Во однос на кршењето на законите и обичаите на војување, тој е обвинет за убиства, мачења, сурово постапување, разурнување села и уништување на верски објекти, како и ограбување на јавниот и приватен имот.

UN-Kriegsverbrechter-Tribunal gegen Vojislav Seselj

Во Хаг од 2003-та, а судењето започна во 2007-ма година

„Шешељовците“ и повикот на војна против „историските непријатели“

Процесот против Шешељ почна на 7-ми ноември 2007-ма година и со многу прекини и паузи трае точно четири и пол години. Тужителите го завршија изнесувањето на своите докази во 2010-та година, откако испрашаа 72-ца сведоци. По барање на судиите се испрашани уште десетмина сведоци.

Основната теза на тужителите е дека Шешељ е одговорен за формирањето на паравоената формација „Српско четничко движење“, познати под називот „шешељовци“, кои направиле злосторства над Бошњаци и Хрвати во Бјелина, Брчко, Невесињ, околината на Мостар и во широкото подрачје на Сараево.

Тужителите ги цитираа заканите на Шешељ дека Србите „ќе им се одмаздат на муслиманските душмани“, а на Хрватите ќе „им ги испорачаат сметките за жртвите од Првата и Втората светска војна“ и дека „ќе им се одмаздуваат таму кадешто се најслаби“. Тужителите тврдат дека со таквите говори се предизвикувало насилството и дирекно се влијаело на злосторствата.

Навреди и закани за тужба против сите судии и обвинители

EU nein Danke

Шешељ обвинува западни тајни служби дека сакаат да го убијат и да спречат победа на радикалите на изборите во Србија

Шешељ рече дека тужителите ништо не докажале и затоа нема да изведува докази во своја одбрана, туку само ќе одржи завршен говор. Испрашувањето на сведоците тој го користеше за да го навредува Хашкиот трибунал и се закануваше дека ќе ги тужи сите судии и обвинители, па дури и ОН, а притоа најави дека ќе побара милионска отштета, затоа што му биле загрозени човековите права.

Овие денови Шешељ ги обвини американските, британските и француските тајни служби дека со модерни електронски средства од надвор го загрозуваат неговото здравје и се обидуваат да го убијат, за да спречат победа, негова и на неговите радикални приврзаници на изборите во Србија.

Автор: Џевад Сабљаковиќ / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM