1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Заврши самитот на северно-американските држави

САД, Канада и Мексико на самитот во Монтебело најавија уште потесна соработка.

default

Фелипе Калдерон и Џорџ Буш на претходна средба

Средбата на тројцата шефови на држави и влади мина во сенка на хариканот “Дин“ кој токму вчера го погоди Мексико. Покрај соработката во случај на природни катастрофи како оваа, на дневниот ред се најдоа повеќе теми од заштитата на заедничките граници, па се‘ до економската соработка.

“Разговаравме за многу теми. Сакам само да ви ја пренесам атмосферата од дискусиите и да ја нагласам нивната важност. Во интерес на нашиот народ е соработката со Канада и Мексико, лидерите на нашите земји треба да се среќаваат редовно. Прва причина за тоа е да се поттикнува благосостојбата на нашите граѓани“ - порача американскиот претседател Џорџ Буш во канадското гратче Монтебело.

Тој и двајцата колеги од Канада и Мексико меѓу другото се договорија за натамошно намалување на трговските бариери во меѓусебната размена. Исто така постигнаа согласност за подобра контрола на меѓусебните граници, без при тоа да страда слободната размена на стоки и луѓе. Тројцата лидери договорија соработка и на полето на борбата против дрогите и недозволената трговија со оружје. Мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон посебно го замоли Џорџ Буш да стори се‘ за намалување на побарувачката по дроги во САД. Американскиот претседател во оваа прилика ја најави и специјалната програма на неговата влада за помош на Мексико во борбата против дрогата.

На тројниот самит меѓутоа имаше и спорни теми. Така канадскиот премиер Стефен Харпер му предочи на американскиот претседател Џорџ Буш дека учеството на канадските војници во мисијата во Авганистан може да заврши во 2009-та доколку не се најде мнозинство гласови во канадскиот парламент. Таму опозицијата има повеќе пратенички мандати. Покрај тоа Буш и Харпер расправаа и за спорот околу морските теснеци на Арктикот. Канада имено полага право на северно-западниот премин, кој пак според САД се наоѓа во меѓународните води. Спорот околу Северниот пол се интензивираше откако две руски подморници неодамна поставија две национални знамиња на дното на морето. Веднаш потоа и САД и Норвешка најавија дека полагаат право на делови од територијата на Северниот пол.