1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Заврши мисијата „Марс 500“, екипажот се „врати“ на Земјата

Успешно заврши мисијата „Марс 500“, симулација на пат до Црвената планета, која траеше 17 месеци. Денеска шесте членови на екипажот првпат здогледаа дневно светло, откако се затворија во модулот во јуни 2010-та година.

default

Шестте членови на меѓународниот екипаж

Во 10:57 часот по македонско време член на Московскиот центар за вселенски истражувања ја покрена металната рачка нагоре и ја скина врвката запечатена на двете страни со црвен восок. Шестте членови кои беа дел од експериментот долг 520 денови почнаа да излегуваат еден по еден, облечени во сини комбинезони со знамиња од земјите од кои доаѓаат на левиот ракав. Со тоа заврши најдолгиот експеримент за изолација во историјата на вселенските патувања.

Алексеј Ситев, Александар Смолевскиј и Сукхроб Камолов од Русија, Францизинот Роман Шарл, Ванг Јуе од Кина и Диего Урбина со мешано италијанско – колумбиско потекло од Јужна Америка излегоа бледи, но насмеани од модулот без прозорци поставен во западниот дел од Москва, во кој поминаа околу една година и пет месеци. Тие всушност никогаш и не ја напуштија планетата Земја за време на овој експеримент.

Flash-Galerie Mars 500

Членовите на екипажот, кои никогаш не ја напуштија планетата Земја, веруваат дека помогнале за реализирање на вистинскиот лет од Црвената планета

„По 520 денови излегуваме за да докажеме дека човекот може да издржи монотонија. Направивме многу вредни експерименти и се надеваме дека помогнавме за следната мисија“, изјави Французинот Роман Шарл пред насобраните новинари, роднини и посетители во Центарот за вселенски истражувања.

Можен ризик од инфекции

„Членовите на екипажот се во добра здравствена состојба и сите системи за одржување во живот работеа добро“, изјави Анатолиј Григориев, заменик претседател на Руската академија за науки, кој го набљудуваше експериментот. „Програмата на експериментот е целосно исполнета“, додаде тој.

Поради можен ризик од инфекции, членовите во експериментот ќе бидат заштитени од изложување во јавност до 8-ми ноември, за кога е закажана прес конференција во рускиот главен град. За време на престојот во затворениот објект тие биле постојано набљудувани од лекари и психолози преку линк кој пренесувал податоци за нивната состојба.

Одложувања во комуникацијата од 20 минути

Russland Raumfahrt Mars 500 Experiment in Moskau

По напуштањето на модулот, луѓето кои беа дел од експериментот ќе бидат во изолација до 8-ми ноември, поради страв од инфекции

Членовите на екипажот за време на експериментот, кој симулираше лет кон Црвената планета, комуницираа со организаторите и фамилиите преку интернет, а врската била одвреме- навреме попречувана и тонот и сликата се испраќале со задоцнување од 20 минути за да се долови ефектот од патувањето во вселената. За време на експериментот членовите на екипажот јаделе конзервирана храна, слична на онаа што се конзумира во Меѓународната вселенска станица.

Тие во затворениот објект влегоа на 3-ти јуни 2010 година за да симулираат затвореност, стрес и замор од меѓупланетарното патување, но без безтежинската состојба.

За издржаниот експеримент секој од членовите ќе добие по 100 000 долари, освен Кинезот за кој не е познато колкава награда ќе добие, бидејќи кинеските власти не сакаат да го откријат тој податок.

Страв од тепачки

Виталиј Давидов, заменик - шеф на Руската вселенска агенција рече дека експериментот ќе го отвори патот за вистинската мисија на Марс. Тој додаде дека првата мисија на Марс не се очекува да се случи пред средината на 2030-ите години и таа ќе треба да се направи со блиска меѓународна соработка.

Russland Raumfahrt Mars 500 Experiment in Moskau

Симулацијата на слетувањето на Марс била доживеана реално, со покачено отчукување на срцето

„Пред да одлучиме за опремата што ќе ја користиме на летот кон Марс, најпрво треба да ги разбереме ограничувањата на човековото тело, неговите психолошки и физиолошки капацитети. Истражувањата за човековите капацитети треба да се случат пред да се дизајнира вселенското летало“, овјаснува шефот на проектот „Марс 500“, Борис Моруков.

Тимот кој го реализирал експериментот стравувал дека тој може да биде уништен поради можни тензии меѓу членовите на екипажот. Грижите им ги задавал фактот што во 2000-та година, кога се спроведувала пократка верзија на истиот експеримент, двајца членови од екипажот се степале, а трет се обидел да бакне жена, која била исто така дел од екипажот.

Врв на експериментот бил моментот кога се симулирало слетување на Марс. Научниците биле изненадени колку екипажот реално го доживеал тој момент.

„Пулсот им беше 160 отчукувања во минута. Ако се спореди со пулсот на првиот космонаут во вселената, Јуриј Гагарин кога беше во орбитата, неговиот пулс беше 152 отчукувања во минута“, вели Александар Суворов, главен оперативен офицер на проектот „Марс 500“.

Германците подготвуваат нов експеримент

Flash-Galerie Mars 500

За разлика од експериментот во Москва, оној во близина на Келн ќе се прави со 60 дневно лежење

Германците го планираат следниот голем експеримент поврзан со вселенските летови. Овој пат тој ќе биде во Порц, во соседството на Келн, наместо во Москва. Германскиот вселенски центар гради објект за тестирања каков што нема никаде во светот. Лицата кои ќе бидат предмет на тестирање ќе се одбираат по строги критериуми како тие во Москва, но ќе бидат изолирани од надворешниот свет претходно многу подолго, за да симулираат вселенски лет.

Проектот вреден 30 милиони евра е наречен „енвихаб“, кованица составена од англискиот и латинскиот збор за животна средина и животен простор. Објектот ќе има пет поврзани модули со површина од околу 3 500 квадратни метри. Проектот треба да се стартува за две години. Лицата кои ќе бидат дел од експериментот ќе поминат 60 дена во хоризонтална позиција за да симулираат вселенски лет до астероид. Научниците се надеваат дека така ќе откријат зошто коските атрофираат како што луѓето стареат.

Автор: Александар Методијев/ АП/ ДПА/ Шпигел/ rt.com

Редактор: Борис Георгиевски