1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Заврши вториот самит за интеграција во Германија

“Интеграцијата на странците во Германија не може да се случи сама по себе, ниту пак може некој да ја нареди“.

default

Канцеларката Ангела Меркел

Ова е основниот став на германската канцеларка Ангела Меркел кон вклучувањето на граѓаните од странско потекло во секојдневниот живот во земјата. Со намера да го поттикне овој процес, таа за денеска свика средба на највисоки претставници на германската сојузна и на покраинските влади, на стопанството и невладините организации, како и на организациите на странците. За резултатите од т.н. самит за интеграција Меркел на прес конференција пред малку изјави.

“Се радувам што можеме да ве информираме за вториот самит за интеграција, што се одржа денеска во Канцеларамтот. Би рекла дека тој претставува важна свртница на полето на политиката на интеграцијата во Германија, затоа што поднесовме план за интеграција.“

Важноста на документот канцеларката ја појасни на следниот начин:

“Овој план за интеграција е новина, каква што не сме имале со децении, па можеби дури и никогаш до сега во историјата на СРГ. Тој е одговор на ситуацијата во нашата земја, што ја карактеризираат 15 милиони граѓани од странско потекло. Многумина од нив се многу добро интегрирани, кај други се‘ уште имаме проблеми. Тоа е за нас неприфатливо и затоа од овде испраќаме сигнал дека секој граѓанин на оваа земја мора да има еднакви шанси на образование, на развој и со тоа на добробит во неговиот живот.“

Главна цел на вториот самит за интеграција беше токму усвојувањето на околу 400 точки што претставуваат обврски, кои актерите на средбата самите ги превземаат врз себе со намера да дадат придонес за подобра интеграција. Точките беа разработени и договорени низ неколкуте работни групи што беа формирани по првиот самит пред една година. На финализирањето на денешната средба во Канцеларамтот во Берлин дојдоа вкупно 90-тина поканети гости од органите на власта, од невладините организации и црквите, како и од здруженијата на странците во Германија.

Големо внимание на јавноста предизвика бојкотот на неколку поголеми здруженија на Турците, кои го откажаа учеството на самитот во знак на протест против неодамнешните измени во законот за доселување. Она што им создава најголеми проблеми, тоа е старосната граница за спојување на сопружниците. Според законските промени, имено, во иднина брачните партнери на лицата доселени во Германија ќе можат да им се приклучат во престојот овде само доколку се постари од 18 години и ако имаат доволни познавања на германскиот јазик.

Претседателот на турската заедница во Германија, Кенан Колат најави и правни чекори против овие одредби во законот. Претставникот на Евангелската црква и учесник на самитот во Берлин, Штефан Рајмерс, изрази разбирање за најавените тужби. Германскиот устав посебно ги штити бракот и семејството. Тоа темелно право мора да важи и за граѓаните од странско потекло, порача Рајмерс.

Канцеларката Меркел напротив остро го критикуваше бојкотото на здруженијата Турците. „Никој не може да и‘ поставува ултиматум на германската влада„ - порача канцеларката. Таа исто така најави дека на есен 2008-та ќе се одржи и трет самит за интеграција.