1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Забрзување на стечајот - мала надеж за работниците!

Специјалниот закон за стечај треба да овозможи продажба на имотот на стотици фирми, но ќе донесе ли бенефит за сите? Шансите дел од колачот да добијат сите доверители, посебно работниците-се мали, коментираат засегнатите

default

Со специјален закон и по брза постапка во Македонија ќе се затвораат стечаите во над триста фирми. По две децении влечење низ правните лавиринти, владата предложи закон со кој се предвидува во период од една година да се реши статусот на овие фирми. Типо, Маврово, делови од Железарница, МЗТ, Центро, Порцеланка, Кожарски комбинат Куманово , петнаесетина земјоделско индустриски комбинати, Фиком, Самарија се само некои од фирмите кои ќе бидат опфатени со овој специјален закон. Предлог законот денеска (29.11) влегува во собраниска процедура:

„Ова се однесува на стечаите кои се извршени според законите од 1989 до 2011-та година и претставува сосема нов пристап во откочувањето и решавањето на долгите и мачни стечајни процедури и голготи низ кои поминаа стотици работници“ изјави премиерот Никола Груевски.

Со законското решение треба да се овозможи забрзување на постапката околу регулирање на сопственоста на имотот кој досега не е евидентиран во Агенцијата за катастар. Според првиот човек на комората на стечајни управници Ацо Петров, ќе се овозможи на едноставен и брз начин да се регулира имотно-правниот статус на објектите кои по закон влегуваат како стечајна маса, а за кои досега немало соодветна документација:

„Ни се дозволува во стечајна постапка, на органите, стечајните управници и судот во одредена вонпарнична постапка да докажеме во кратки рокови дека тие објекти се стечајна маса на должникот и со решение од вонпарничен суд ќе биде овозможено тие објекти да се запишат во катастар. Кога ќе имаме имотен лист за одредени објекти, прво ќе имаме право да ги продаваме, а второ - за нив ќе може да се постигне поголема цена“, вели Петров.

Ќе има ли за сите?

Според познавачите, сумата која ја побаруваат доверителите во овие фирми е огромна, но прашање е дали на крај на денот ќе има за сите дел од колачот. Во синдикатот се задоволни од иницијативата за конечно затворање на стечајните постапки, но не очекуваат голем бенефит за доверителите, посебно за работниците од тие претпријатија, вели за Дојче веле Пеце Ристески претседател на синдикатот на работниците во металната индустрија:

Mazedonien Ohrid Geschlossene Kneipe

Треба брзо да се регулира имотно-правниот статус на објектите

„Ја поддржуваме иницијативата да се затворат старите стечајни постапки. Очигледно е дека се работи за долготрајни постапки кои нанесоа штета на сите доверители, а најмногу на вработените во тие претпријатија. Тие се губитници по два основа, прво што останаа покуси за солидна сума на побарувања, а второ што го изгубија статусот на вработени. Меѓутоа, имајќи предвид дека се работи за долг период и за имоти кои не се во добра кондиција, односно не се зачувани, наша проценка е дека шансите за некое посебно намирување на сите доверители и работниците се мали, затоа што долготрајната постапка си го направи своето. Иако желбата и намерата е добра, наше очекување е дека поради состојбата на тие имоти многу тешко ќе дојде до подмирување на долговите кон доверителите. Прашање е што е останато од имотот. Досега за подвижниот имот не требаше некаква легализација и тој можеше да се продава во секој момент. Ако некаде останал некој подвижен имот од опрема и машини тој не е атрактивен, бидејќи ако било така, тој ќе се продадел уште во почетната фаза, бидејќи за тоа немало пречка“, смета Ристески.

„Ова е закон за Владата да го собере кајмакот“

Во моментов во Македонија има околу шест илјади луѓе со статус на стечајни работници. Претседателот на координативното тело на стечајните работници Лилјана Георгиевска, е скептична:

„Ова е законско решение со кое Владата и премиерот ќе обезбедат право да можат да го продаваат имотот што е останат. Земјиште, опрема и машини каде што некаде се останати. Не верувам дека некој ќе биде обесштетен, а и не верувам дека толку бргу ќе се продадат тие имоти. Инвеститорите даваат до знаење дека земјоделските комбинати и фабриките не ги интересираат, така што за оваа категорија работници нема да има полза.

Silmak Jegunovce

Кој ќе биде обесштетен?

И да има продажба на имотот, за жал на работниците нема да им остане ништо, бидејќи доверителите ќе имаат предност по новиот закон. Тука се Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско осигурување, Фондот за здравство. Песимист сум дека ќе има некој бенифит за нас. Ова е само Владата да се стави во закон и да го собере кајмакот што е останат од овие фирми“, вели Георгиевска.

Според новото законско решение, стечајниот имот ќе се продава на аукција до двапати. Доколку нема заинтересирани купувачи, тогаш имотот ќе премине во сопственост на работниците и останатите доверители. Стечајните постапки во Македонија во изминативе две децении главно ги карактеризираа долги судски процедури, одолговлекување на постапката, незаинтересирани доверители, скандали со финансиски злоупотреби и малверзации, поради кои неколку стечајни управители беа и кривично гонети. Со новото законско решение, доколку го прекршат законот за затворање на старите стечајни постапки, стечајните управители се соочени со парични казни од 10 до 15 илјади евра.