1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Забрана за ритуално колење животни во Полска

Забраната за ритуално колење животни во Полска беше шок за еврејската заедница. Таа во срж ја погоди и полската месна индустрија, за која кошер-месото е доходовен бизнис. Заштитниците на животни се задоволни.

Во северниот дел од центарот на Варшава живее еврејска заедница со околу 650 членови. Во тој микрокосмос има синагога, тетатар, киоск и една продавница со животни продукти и месо, кои се кошер, односно се соодветни на религиозните прописи.

Забраната за ритуално колење животни беше шок за еврејската заедница. Павел Брамсон овде врши набавки за својата кетеринг-фирма. Но, сега тука има само месо замрзнато уште во времето кога ритуалното колење беше дозволено.

Во полските магацини има уште 300 тони, уверува сопственикот на продавницата. Месото стана дежурна тема, постојано се јавуваат загрижени муштерии кои сакаат да порачаат јадење. Павел Брамсон, сопственик на фирма за кетеринг, разговара со еден муштерија:

„Кога веќе ќе нема месо, ќе го набавуваме од странство. И, не грижи се, нема да ја менуваме цената, а во најлош случај, ќе станеме вегетаријанци“.

Брамсон се шегува, но полските Евреи се револтирани што им се отежнува да се хранат според верските прописи. Продавачот на кошер-производи, Јержи Липка, вели: „Има муштерии кои се навистина преплашени, купуваат и за резерва и ги полнат фрижидерите“.

Ритуалното колење се врши без зашеметување на животното, а клучно е тоа целосно да искрвари. Бројни полски кланици се специјализираа за ова, а таму лица однадвор не се пожелни. Тоа е мачење - одамна критикуваат заштитниците на животните. Цезари Вишински од организацијата за заштита на животните „Вива“, вели:

„Од сите студии, сите истражувања произлегува тоа. Животното виси со главата надолу, му се сече грлото, се мачи две-три минути додека да се удави во сопствената крв. Тоа е многу драстично и е несоодветно на денешното време“.

Животните не се предмети, велат заштитниците на животните, кои демонстрираа за усвојување на новиот закон за ритуално колење. Мнозинството жители, според една анкета на јавното мислење, е против ритуалното колење.

На крајот, полскиот парламент изгласа комплетна забрана. Тоа во с‘рж ја погоди полската месна индустрија, за која кошер-месото е доходовен бизнис. Витолд Хоински, од Сојузот на месари во Полска, објаснува:

„Најдобри пазари за зголемен пласман на говедско месо се во арапските земји, во муслиманските држави. Тоа автоматски значи: месо од ритуално колење. Полска избори силна позиција, во 2011. на пример една третина од нашето месо го извезовме во Турција“.

Schächten eines Schafes in Kairo

Најдобри пазари за зголемен пласман на месо се арапските земји, вели Хоински

Економска штета, значи, е огромна. Во кланиците машините мируваат. Полска беше меѓу водечките извозници во Европа. Малгоржата Поднисинска од кланицата „Мокободи“, е песимист:

„Моравме да отпуштиме речиси половина од вработените. Производството опадна за 50 проценти, немаме никаква перспектива“.

Во еврејската заедница новиот закон го сметаат дури за антисемитски чин. Израелското министерство за надворешни работи побара од полскиот парламент повлекување на забраната. Михаел Шудрих, главен рабин во Полска, оценува:

„Одлуката беше погрешна, иако можеби намерата не беше таква, таа задира во верските слободи, а тоа е неприфатливо“.

Забраната на ритуалното колење е критикувана и од муслиманска страна. Полскиот муфтија Томаж Мискиевич, вели:

„За луѓето кои сакаат да живеат според верски правила, ситуацијата стана потешка. Има и ризик да настане пазар на црно, каде секој ќе може да прави што сака“.

Во секој случај, правната ситуација е контрадикторна, има два закона кои си противречат. Едниот апсолутно забранува ритуално колење, но има и закон кој на верските заедници им дозволува ритуално колење барем за сопствени потреби, како овде, по повод еден празник кај Татарите, кои се од муслиманска вера. Тоа е важен ритуал, но владее голема несигурност: дозволен е или забранет?

„Тогаш мораме да ги сносиме последиците. Тоа може да значи плаќање парични казни или прифаќање казна затвор од две години“, вели Мискиевич.

Кравите мирно пасат, додека се води спор околу начинот на нивното убивање. Некои кланици, како и верски заедници, планираат тужба против забраната. Дотогаш, еврејската заедница се снаоѓа.