1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Забрана за политички протести за време на Олимпијадата во Сочи

Со декрет, претседатeлот на Русија, Владимир Путин забрани политички демонстрации и други собири на местото на оддржување на Зимските олимписки игри во 2014 година, Сочи.

Од 7-ми февруари до 21-ви март 2014 година во Сочи се забранети секакви масовни собири и протести со политичка заднина, стои во декретот на рускиот претседател Владимир Путин. Дозволени се само манифестации кои имаат спортски карактер.

Според претседателската одлука од 19-ти август која е објавена вчера во рускиот службен весник Росискаја Газета, „собирите, протестите, собирања и протесни поворки кои не се поврзани со одржувањето на Олимписките игри, а се предвидени за периодот од 7-ми до 21-ви март во областите во кои ќе има засилени безбедносни мерки, ќе се одржат во некое друго време“.

Според оваа одлука забранети се сите политички собири во текот на траењето на ЗОИ (7-23 февруари), но и на Параолимписките игри (7-16 март) во близина на олимписките објекти.

Во истиот временски период во црноморското одморалиште Сочи можат да сообраќаат само возила со локални регистерски таблички, возила за итна медицинска помош и возила на Олимпискиот комитет. Контроли на луѓе и возила се можни во секој момент, се вели во декретот.

Русија овие мерки ги оправдува со повиците на терористичките исламистички сепаратисти од кавкаските републики кои се закануваат со терористички акти за време на одржувањето на спортските натпревари.

Западните медиуми, пак, напомнуваат дека Русија шест месеци пред одржувањето на Олимпијадата е цел на критики на западни невладини организации и хомосексуалните активисти, кои повикаа да ѝ биде одземена организацијата на ЗОИ 2014 поради законот кој во јуни беше донесен во оваа земја, а со кој се забранува и се казнува промоцијата на хомосексуалноста во јавноста пред малолетни лица