1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Забраната за парадата на хомосексуалците е пораз на српската држава

Забраната за „Парадата за гордоста“ во Србија, според експертите, е пораз на државата. Една правна држава во никој случај нема да потклекне пред заканите на хулиганите, велат тие.

Anti-Gay Graffiti im Zentrum von Belgrad: Stop Gay Pride, 26.9.2013; Copyright: DW/ I. Petrovic

Anti-Gay Graffiti im Zentrum von Belgrad

Забраната за „Парадата на гордоста“ на само еден ден пред нејзиното одржување беше направено поради тоа што, како што рече премиерот Ивица Дачиќ, „не може да биде гарантирана безбедноста на учесниците“. Ова е веќе трета парада која беше забранета. Истото се случи во 2011 и 2012 година, откако во 2010-та, на маргините на парадата на хомосексуалците дојде до големи безредија предизвикани од десни екстремисти.

„Забраната на парадата е пораз на државата, затоа што таа не може да ги спроведе сопствените закони и уставот“, критикува српскиот активист Предраг Аздејковиќ, кој се залага за правата на хомосексуалците. Една правна држава во никој случај нема да потклекне пред заканите на хулиганите. „Во Србија важи само законот на појакиот и тоа покажува дека нашето општество е примитивно. Сите граѓани треба да бидат загрижени, зашто порано или подоцна и тие ќе станат цел на хулиганите.“

Gay Aktivist und Journalist Predrag Azdejkovic aus Belgrad

Предраг Аздејковиќ

За дискриминацијата на хомосексуалците не се виновни само властодршците, вели Аздејковиќ. Премиерот Дачиќ јавно рече дека хомосексуалците се рамноправни, но „хомосексуалноста не е нормална“. Ваквите изјави ги потврдуваат во ставовите хомофобните граѓани, критикува Јелена Милиќ, директорка на белградскиот Центар за евроатлантски студии. „Сосема е неприфатливо премиерот, кој истовремено е и министер за внатрешни работи, да користи ваква реторика“, оценува Милиќ во разговор за Дојче веле.

Опасен циркус

Анкетите покажуваат дека околу половина од Србите сметаат дека хомосексуалноста е болест. Околу 70% објаснуваат дека во основа немаат ништо против хомосексуалците, но само ако тие своите љубовни врски ги живеат исклучиво дома и ако во јавноста од тоа не може да се види ништо.

Тука е и негативниот став на Српската православна црква. Свештениците со години Парадата на гордоста ја нарекуваат „Парада на срамот“. Патријархот Иринеј парадата ја коментира со зборовите: „Лудиот е горд на нешто од што нормалниот човек се срами.“

Активистот Аздејковиќ на конфликтите околу парадата гледа како на опасен циркус. „Бедните националисти сакаат да собираат гласови и бараат поголемо внимание од страна на медиумите. Хулиганите сакаат да покажат дека имаат најголеми мускули во Србија.“ Освен тоа, дел од организаторите, како и некои самонаречени борци за човекови права и застапници за ЕУ, се заинтересирани пред сѐ за тоа - преку парадата да привлечат пари од невладини организации и други спонзори, оценува активистот.

Serbien Krawalle Homosexualität Homosexuelle Anti Schwulen Proteste FLAsh-Galerie NO FLASH

Безредија на Парадата на гордоста во 2010-та (архива)

„Владата сака да им се умилкува на граѓаните“

Јелена Милиќ, освен тоа, гледа поврзаност меѓу забраната на парадата и политиката на Србија кон Косово. Владата веќе ги престраши конзервативните избирачи со годинешниот договор со Косово. „Со забраната на парадата сега властодршците сакаат повторно да им се умилкуваат на граѓаните“, смета Милиќ.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе ја потсети Србија на обврската да обезбеди слобода на изразување на мислењето и слобода на демонстрирање. Сепак, Милиќ смета дека реакциите на европските политичари на забраната на парадата се „со половина уста“. „Ако сѐ биде како што треба на изборите во Косово во ноември, тогаш ЕУ-политичарите повторно ќе ја заборават парадата“, смета таа. Прилог кон ваквиот став е фактот дека во Србија ова е веќе трета забранета парада, а претходните години немаше особено жестоки европски реакции.