1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Заборавањето е корисно

Колку и да е добро и импресивно доброто паметење, потребата да се заборава е од животна важност. Во спротивно, учењето би станало невозможно, а мозокот во голема мера би бил преoптоварен.

Потребата да се забораваат некои работи е од животна важност. Заборавањето навистина е непријатно и проблем со кој секој повремено се соочува. Од друга страна, заборавањето е исто така еден вид вештина.

Помнењето функционира добро поради тоа што претходно непотребните или помалку важни информации се исфрлени од системот, пишува магазинот „Вундервелт висен“ (Волшебниот свет на науката) во своето јануарско издание. Кога би било невозможно заборавањето на некои работи, потиснатите сеќавања би го преплавиле нашиот живот, учењето би станало речиси невозможно, а мозокот во голема мера преоптоварен.

Научниците се‘ повеќе ги разоткриваат хемиските процеси во мозокот до кои доаѓа во текот на заборавањето. Не мал број експерти водат истражувања чија цел е да откријат лек кој ќе овозможи заборавање. Пазар за такво нешто секако постои. Се‘ повеќе луѓе страдаат од анксиозни пореметувања. Природни катастрофи, падови на авиони, војни или терористички напади се само некои од настаните кои предизвикуваат анксиозност и по кои бројот на оние кои страдаат од посттрауматски пореметувања буквално експлодира.

Досега решенијата за вакви случаи се бараа во долги разговори или во терапии преку кои засегнатата личност се соочува со своите проблеми. Тие методи не се секогаш успешни, а понекогаш и предолго траат. Затоа, психолозите полагаат надежи во иднина да можат да се користат лекови против несакани сеќавања.

Противниците на овие идеи имаат исто толку силни аргументи. Тие стравуваат дека со употреба на лекови непријатните сеќавања едноставно би биле потиснати, но и натаму ќе останат забележани некаде во нашиот мозок, па потоа можат повторно да се вратат.