1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Забавен спорт - бабл-фудбал

Бабл-фудбалот е вид на спорт кој е во тренд. Горната половина од телото на играчите е во пластична топка, односно меур, па да се даде гол воопшто не е лесно. Тим од Дортмунд ја испроба оваа забавна игра.

Добро е за релаксирање од напрегнатоста и во бабл-фудбалот од тоа ретко има болни последици. Но, напорно е. Огромната топка или меур, тежи 10 килограми. Даниел Диаз, играч на АСЦ 09 Дортмунд, по одиграниот бабл-меч, раскажува:

„Да, забавно беше. Денеска цел ден гледавме видео снимки на Јутјуб и се радувавме што конечно и самите ќе можеме да испробаме.“

Неговиот тимски колега, Золас Ленерц, додава:

„Ова беше едно искуство. Супер е - ќе те турнат во дуел и се тркалаш, воопшто не боли и добро е што е така.“

За Франсис Бугри, исто така од АСЦ 09 Дортмунд, тренингот е одличен:

„Изгледаше опасно кога го гледавме на интернет, но се чувствуваш вистински сигурно и ова беше супер, супер тренинг.“

Она што го играат фудбалерите од АСЦ 09 Дортмунд, е всушност спорт од Данска, кој таму е во тренд. Исто како во фудбалот, мора да се даваат голови.

Некои таленти дури овде излегуваат на виделина.

„Изненадувачки е што денеска еден 18-годишник, кој инаку е секогаш многу тивок, вистински се ’издува’, а во вакви услови можеби ќе се отворат и други карактери. Тоа е всушност заднината на сево ова“, вели Ленерц.

Еден „бабл“, или меур, може да чини над 550 евра. Скапа забава, но помага. Диас заклучува:

„Во секој случај беше добро за малку да се ослободиш од агресијата, да ги бркаш соиграчите низ теренот, без притоа да боли. Имаше и неколку голови, неколку дуели. За жал, тренингот беше малку краток, но мислам дека ова уште еднаш ќе повториме.“

Забава за луѓе кои тежат помалку од 90 килограми. Тоа е лимитот. Оти, во спротивно меурот ќе пукне.