1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жртви на теророт се и семејствата на убиените

Процесот против десноекстремната терористичка група „Националсоцијалистичко подземје“ (НСУ) почнува денеска (06.05) во покраинскиот суд во Минхен. Жртви на нејзиното насилство беа осум турски мигранти, Грк и полицајка.

Болката е се’ уште голема. Неизмерна како и на денот кога Исмаил Јозгат гледал како синот му умира на раце. Оттогаш минаа точно седум години. По повод таа годишнина Ајсе и Исмаил Јозгат ги повикаа жителите на Касел да присуствуваат на комеморација за нивниот син Халит.

„Денеска е 6. април, денот кога мојот син умре како маченик. Многу ви благодарам што денеска не не’ оставивте сами“, рече Исмаил Јозгат, татко на убиениот Халит Јозгат.

Неколку стотици луѓе се собраа на седмата годишнина во каселската населба Нордштат, и тоа не само доселеници. Дојде и градоначалникот за да и’ оддаде почит на деветтата жртва на радикалната десничарска група НСУ. Малиот плоштад, кој од местото на злосторството е оддалечен само неколку стотици метри, од крајот на 2012. година го носи името на жртвата.

Bildergalerie Neonazi Mordserie Halit Yozgat

Халит Јозгат беше убиен на 06.04.2006 година во неговото интернет-кафе во Касел

На местото каде тогаш беше малото интернет-кафе на Халит Јозгат денес се наоѓа продавница за производи за домаќинство. Пред седум години, попладнето на 6. април, во интернет-кафето беше убиен 21-годишникот со два истрели во главата, најверојатно истрелани од припадниците на НСУ, Уве Бенхарт и Уве Мундлос.

„Во кафулето влегов пет минути по 17 часот. Халит не беше таму. На масата имаше три црвени капки. Извикав: Халите каде си? И потоа го видов како лежи таму позади. Лежеше под масата. Го подигнав. Тука имаше дамка од крв, а и од другата страна исто така. Очите му беа посинети“, објасни во ноември 2011 година таткото Исмаил Јозгат.

Сомнеж врз семејствата

Речиси полоши од смртта на синот беа сомневањата кои уследија. Полициската истрага претпоставуваше дека се работи за криминална пресметка.

„Ние не сме такво семејство. Јас работам веќе 39 години во Германија. Не ни знам каде се наоѓа полициската станица. Никогаш не сум имал работа со полицијата“, објасни таткото.

„Прашуваа - имате ли непријатели, имаше ли вашиот син проблеми, имаше ли вашиот син лоши навики“, раскажува мајката Ајсе Јозгат.

Bundespräsident Joachim Gauck trifft Angehörige der Neonazi Mordopfer

На приемот кај претседателот Гаук, Јозгат читаше со растреперен глас

Извинување поради повеќегодишното погрешно сомневање семејството Јозгат и сите останати добија дури на централната комеморација во февруари 2012. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека се чувствува засрамено поради пропустите во истрагата.

„Тие доведоа до истраги во мафијашките и дилерските кругови, па дури и во кругот на семејствата на жртвите. Членови на семејствата со години неправедно биле осомничени. Тоа ни претставува посебен притисок. Затоа молам за прошка“, изјави во февруари 2012 сојузен канцелар Ангела Меркел.

Емоционална поддршка им пружи и сојузниот претседател Јоахим Гаук. На приемот за семејствата и пријателите на жртвите на теророт на НСУ дојдоа и родителите на Халит. Сите присутни сакаа јасно да им стават до знаење на жителите на Германија какви страшни злосторства можат да се случат во нивна близина. Затоа Исмаил Јозгат повторно ја раскажа својата тажна приказна.

Сеќавање на жртвите

NSU-Opfer Kassel Halitplatz

Еден плоштад во Касел беше преименуван според името на Халит Јозгат

„Имав само еден син. Тој беше убиен во Касел“, низ солзи проговори Исмаил Јозгат. Околу вратот му беше закачена фотографијата од неговиот син. На приемот кај претседателот Јоахим Гаук во февруари годинава тој додаде дека злосторствата никогаш не смеат да се заборават. На сеќавањата им е потребно место и поради тоа таткото сака улицата на која беше убиен неговиот син да се именува во „Улицата на Халит“.

Преименувањето на малиот плоштад, на кој се наоѓа споменик во сеќавање на сите жртви на НСУ, е само прв чекор направен во таа насока. За Исмаил Јозгат одржувањето на сеќавањето на неговиот убиен син стана животна мисија. Можеби само на тој начин ќе ја поднесе големата болка. Зошто мораше да умре неговиот син единец? И кој се’ е одговорен за тоа? На овие прашања Исмаил Јозгат сака конечно да добие одговори. Без тоа, тој и неговото семејство нема да пронајдат мир.