1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Жртви на македонската транзиција

Со осамостојувањето на Македонија пред 20 години започна и транзицијата на општествениот во приватен капитал, со што голем број фирми отидоа во стечај, а работниците останаа на улица.

default

Од раководител до стечаен работник: Томислав Крстиќ

62 годишниот Томислав Крстиќ е земјоделски инженер и без сопствена вина спаѓа меѓу илјадниците стечајци во Македонија. Нив ги има само во Велес 11 500, додека во целата земја нивниот број изнесува меѓу 120.000 и 130.000. Под стечајна управа се најдоа 1080 фирми од кои 168 беа државни - меѓу нив и Агрокомбинатот „Лозар‘, кадешто Крстиќ работеше цели 30 години. Тој и неговите колеги останаа буквално на улица без основна егзистенција.

Успешен земјоделски стручњак

Томислав Крстиќ до почетокот на 90-тите години беше успешен земјоделски инженер, раководител во Агрокомбинатот „Лозар‘‘, еден од најуспешните македонски и тогашни југословенски земјоделски комбинати. Но, со процесот на транформација на капиталот и тој остана без работа. Крстиќ вака го појаснува овој процес:

Proteste der entlassenen Arbeitnehmer in Mazedonien

Еден од бројните протестни собири на стечајците пред Собранието во Скопје

„Транзицијата според мене предизвика турбуленција, каде што ние вработените – градители на претпријатијата, останавме без работа, а на наша сметка некои се обогатија, односно поединци кои беа инволвирани при купувањето на таканаречените општествени претпријатија‘‘.

„До процесот на транзиција јас и моите колеги во општествените фирми“, се присетува Крстиќ, „редовно земавме плати, а имавме и здравствено и пензиско осигурување. Можевме редовно да плаќаме за струја вода и да ги подмируваме сите давачки кон државата.“

„Помеѓу први и петти секој месец ни беа уплатени сите придонеси за пензиско и здраствено осигурување. Воедно имавме право и го земавме и популарно наречениот К-15 со кој одевме на одмор.

Weinanbau in Mazedonien

За жал после транзицијата сите тие придобивки од некогашниот моќен финансиски комбинат пропаднаа. На крајот Агрокомбинатот ’Лозар’‘ од моќна фирма падна на ниски гранки и ние не можевме редовно да земаме плата и не ни беше плаќано пензиското и здраствено осигурување‘‘.

Недоволно обучени судови

Според Крстиќ не само за „Лозар‘‘ туку и за сите македонски претпријатија виновник за лошата трансформација се судовите. „Судовите не беа подготвени и беа недоволно обучени да ја водат трансформацијата, а воедно да водат и стечајна постапка. Затоа имаше и повеќе афери околу водењето на стечајните постапки, за кои македонската јавност добро знае како се одвиваа‘‘.

Затоа Крстиќ смета дека во Македонија треба да се направи ревизија на општествениот капитал. „Не може една ’Топилница’ да биде продадена за 2 милиони евра, една „Порцеланка‘‘ која имаше преку 2 и пол илјади вработени за 836 илјади евра, тоа е бесмислица во трансформацијата. Или ако ја земете ’Нокатекс’ за 216 илјади евра, „Лозар‘‘ и останатите фирми. Тоа е катастрофа што некој скапо си ја наплатил и затоа тука треба да се повика државниот ревизор за да изврши ревизија на сите тие купопродажни договори на фирмите‘‘.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller

Фабриките се продаваа за бадијава

Транзицијата чини 2,5 милијарди евра

Според пресметките на Крстиќ, кој води уредна документација за одењето во стечај на сите македонски фирми, транзицијата Македонија ја чини 2,5 милијарди евра. Од нив само минимални пари се слеани во државната каса. „За жал од овие 1080 претпријатија не верувам дека во касата или буџетот на државата се слеани повеќе од 100 милиони евра. Тоа ќе дојде еден наспрема 15, колку е обезвреднет општествениот капитал‘‘.

Томислав Крстиќ е претседател на последното од стечајните здруженија насловено С.Т.Р.А.В., а кое од владата бара решавање на проблемот на преостанатите 10 илјади македонски стечајци – жртви на транзицијата. Тие за жал не беа опфатени со десетината закони во изминатите 10 години и сеуште се со нерешен статус. Досега имаат подршка од две македонски невладини здруженија „Ленка‘‘ и „Магна Карта‘‘ и едно германско „Роза Луксембург‘‘.

Tomislav Krstic Opfer der Transition Economy in Mazedonien

Бара помош од државата: Томислав Крстиќ е претседател на Здружението на стечајците С.Т.Р.А.В.

„Сакаме само да иницираме донесување на закони за згрижување на оваа популација, како би можеле едноставно да преживееме и да добиеме пензија. Конкретно бараме згрижување на оваа категорија со над 25 години стаж и бараме исто и за оние стечајци кои се со минимум 15 години рефундиран стаж. Се согласуваме и на 34% од републичкиот просек за сервисирање на оваа категорија на граѓани‘‘.

Зголемена смртност кај стечајците

Како последица на проблемите и немаштијата, македонските стечајци се погодени од сериозни здравствени проблеми, голем број дури починаа, констатира со жалење Крстиќ, кој и самиот има проблеми со здравјето. „За жал морталитетот е огромен, меѓутоа тоа што уште повеќе загрижува е што кај оваа категорија граѓани се јавуваат големи проблеми околу кардиоваскуларните заболувања и депресивност. Тоа е рефлексија на немаштијата‘‘.

Поранешниот успешен земјоделски стручњак и раководител, кој поради процесот на транзиција стана стечаец и невработен, а кој вели дека маката го натерала да ги проучи и научи сите македонски закони и прописи од оваа област, на крајот ќе заклучи.

„Мора да се санираат сите овие последици, државата да добие една друга визија на економија, а од каде последователно со решавање на економските ќе се решат и социјалните проблеми и тогаш Република Македонија ќе биде вистинско место за добар и пристоен живот“, порачува Томислав Крстиќ.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Горан Чутаноски