1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жртви во протестите во Киев

Украинската полиција ги проби барикадите на прозападните антивладини демонстранти. Во новите судири се убиени најмалку тројца демонстранти.

Украинските сили за безбедност утрото разбија барикади поставени од демонстранти во Киев, по што почнаа нови судири, а активистите тврдат дека се убиени две лица. Полицијата во утринските часови по локално време почна да растура барикади и да апси демонстранти поради што избија нови судири. Демонстрантите фрлаат со молотови коктели врз полицијата која одговара со солзавец и шок-бомби.

Досега се приведени неколку лица, јавуваат локални медиуми.

Медицинската служба на украинското протестно движење во Киев соопшти дека еден демонстрант врз кого пукала полицијата од снајперска пушка бил убиен. Активисти тврдат дека е убиено уште едно лице. Едно пак настрадало при пад од ѕид. Дел од демонстрантите добиле предупредувачки смс-пораки по телефон: „Регистрирани сте како учесник на масовни немири“, се вели во текстовите.

Премиерот на Украина Микола Азаров синоќа изјави дека украинските власти нема да имаат друг избор освен да употребат сила доколку „провокаторите“ не престанат да поттикнуваат судири.

„Ако провокаторите не престанат, властите нема да имаат друг избор освен да употребат сила согласно законите и да обезбедат сигурност на нашиот народ“, изјави тој за информативниот канал Вести 24, имајќи ги предвид контроверзните закони за забрана на протести кои вчера стапија на сила. Со тој сет закони забрането е неодобрено поставување бини и шатори, што беше карактеристика на бранот нови протести. На оние што обезбедуваат опрема за митинзи им се заканува затворска казна. Предвидени се и затворски казни до 15 години за „масовно кршење“ на јавниот ред.

Азаров ги отфрли шпекулациите дека се подготвува воведување вонрена состојба во Киев. Според него, ситуацијата во украинскиот главен град е далеку од тоа да се налага како нужен таков чекор. За најновите судири тој ги обвини водачите на опозицијата, меѓу другите и екс-шампионот во бокс, Витали Кличко.

Противниците на претседателот Виктор Јанукович бараат одржување предвремени парламентарни и претседателски избори и повлекување на спорните закони, кои штотуку стапија во сила и со кои се ограничува слободата на медиумите и на јавни собири.