1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Жртви во железничката несреќа во Белгија

Две лица загинаа, а 14 се повредени во денешната железничка несреќа. Денеска рано наутро пожар изби во воз кој превезувал хемиски токсични производи, во моментите кога се наоѓал во близина на пристаништето Гент.

Белгиските власти беа принудени да евакуираат околу 300 луѓе од нивните домови во околината на несреќата, откако неколку делови од возот биле зафатени од огромен пожар. Притоа следувала серија од експлозии во возот кој доаѓал од Холандија.

Според соопштението на компанијата „Инфрабел“, којашто врши надзор над железничката мрежа во Белгија, возот излетал од шините и се запалил околу два часот по полноќ меѓу местата Шелебеле и Ветерен. Пожарот зафатил три цистерни полни со акрилонитрил (C3H3N), кој се користи како хемиски спој и е важен мономер за производство на пластика. Возот превезувал 13 цистерни со хемикалии.

Пожарникарите, коишто го контролирале огнот, дозволиле цистерните да изгорат, бидејќи доколку го гаснеле пожарот со вода би се предизвикало ослободување на отровен чад.

Јан Брирс, гувернерот на Источна Фландрија, каде се случи несреќата, за новинската агенција Белга информираше дека во неа животот го загубиле две лица, а 14 други се повредени. Жртвите и повредените се жители на населеното место во чија близина се случи несреќата.

Белгиските медиуми потсетуваат дека две слични несреќи се случија во земјата и во мај минатата година.