1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жипе предупредува од катастрофа во Сирија

Шефот на француската дипломатија Алан Жипе стравува од регионална војна доколку пропадне планот на Кофи Анан.

Во случај да пропадне мировниот план за Сирија на пратеникот на ОН и Арапската лига Кофи Анан тоа би било рамно на катастрофа што би можело да предизвика граѓанска, па дури и регионална војна, предупреди францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе, по вчерашната средба во Париз на министрите за надворешни работи на петнаесетина западни и арапски држави.

Жипе изјави дека тој и неговите колеги решиле да побараат од Советот за безбедност на ОН да проучи и други опции, ако иницијативата на Анан не се применува ефикасно.

САД повикуваат на прифаќање поцврсти мерки против режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, за да се принуди да го почитува планот на меѓународниот пратеник, соопшти државниот секретар Хилари Клинтон.

Клинтон поконкретно се изјасни за прифаќање нова резолуција од страна на Советот за безбедност на ОН, која ќе предвидува санкции и ембарго за оружје за Сирија.

Сириски претставници синоќа потпишаа договор со ОН за распоредување на стотина меѓународни набљудувачи во земјата.