1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Живот пред и по војната

Поранешниот рудар Сабахудин Гутиќ, наречен Лебед, војната ја преживеа во Сребреница. После години поминати во бегство, Сабахудин се врати во родното село Залужје и почна успешен бизнис – производство на мебел.

default

Сабахудин Гутиќ пред работилницата

На патот од Братунца, кон Скелани после 5-6 километри, во селото Залужје стои табла со натпис „Лебед“. Свртуваме на макадамскиот пат и по стотина метри по угорница, пред нас е прилично голема куќа која шумата ја крие од љубопитните погледи од главниот пат. Се распрашуваме за Лебед, а љубезниот домаќин со насмевка ни кажува дека тоа е тој и дека правото име му е Сабахудин Гутиќ. Не‘ повикува да седнеме и почнува да ја раскажува неговата приказна.

Сабахудин со задоволство се сеќава на работата како рудар и среќниот живот пред војната: „Овде имаме еден рудник во Саса, кој пред војната работеше исклучително добро. Таму имаше околу 1.500 до 2.000 работници, така што се живееше добро. Платите беа добри, се занимававме малку и со земјоделство, садевме малина и тутун, но народот главно живееше од рудникот. Пред војната работев во рудникот околу осум години.“

Сабахудин нерадо зборува за војната: „Малку ми е тешко да зборувам за тоа, но кога од Сребреница во 95 година минував преку шумата, патував преку 60 дена. После 60 и нешто дена стигнав на територијата на Кладње. Таму си го најдов семејство и тогаш почнав се’ од почеток, како некој да те фрлил од небото, немаш никаде ништо.“

Од донација за градежен материјал до цела работилница за мебел

Haus der Familie Gutic in Bosnien

Сабахудин и синот ја обновија семејната куќа

После години поминати во бегство тој одлучил да се врати: „Жена ми и шесте деца се вратија со мене тука.“ Од донации добил само градежен материјал, објаснува понатаму Сабахудин. А куќата ја обновил сам со синот и така создал можност да му се врати и остатокот од семејството. „Кога се вратив тука дојдов на идеја да започнам да правам мебел, бидејќи народот се враќа тука. Некој нешто ќе поправи, некој ќе купи нешто ново и така. Кога беше конкурсот во Сребреница, во Центарот за вработување, предадов апликација и така ми ги донираа тие 7.000 марки.“

Со таа донација, Сабахудин купи машина и изгради мала работилница за производство на мебел. Занаетот го научил гледајќи од други, додека бил во бегство и додека работел за други. „И така син ми и јас си отворивме работно место“, со насмевка раскажува Сабахудин. „И така син ми и јас поправаме половен мебел, но пред се‘ правиме нов. Кога се вратив, приоритет ми беше изработката на нов мебел. Меѓутоа, што знам, некогаш има помалку работа, некогаш нема работа, некој сака да го поправи троседот, друг каучот.“

Би можело уште многу подобро и повеќе да работам, кога би имал средства да ја проширам работилницата и да купам уште машини, вели Сабахудин: „Ако ја проширам работилницата најверојатно би вработил уште најмалку двајца работници. Би можел и да го проширам пазарот, би отишол горе во местата Власеница, Милиќе, Хан Пијеск, Соколац...“

„Да има работа за мажот и синот и на сите ќе ни е добро“

Famillie Gutic

Важно е да има работа

Останатите членови на семејството не сакаат да зборуваат пред микрофон, единствено сопругата Зулфа ни зборува за тешкотиите на селскиот живот: „Јас си знам како ми е. Сега е добро, малку е полесно, децата пораснаа. Додека беа помали беше потешко. Одгледуваме компири, жито, грав и ете со девојчињата, имам уште две поголеми девојчиња, решив да садиме краставици.“

Прашуваме помагаат ли децата? „Ми помагаат кога копам во нивата, работат по дома, големи се сега и не одат повеќе на училиште, завршија, така што за се’ ми помагаат.“ Важно е да се работи, да има работа за мажот и синот и на сите ќе им биде добро, ни кажува Зулфа Гутиќ на разделба: „Тие двајца да работат и се’ ќе биде... кога тие имаат работа, имаме и ние“.

Автор: Маринко Секулиќ - Кокеза / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска