1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Живот меѓу мртвите

Каиро не е само метропола, туку има и некропола. И понекогаш, двете прават чуден спој.

default

„Градот на мртвите“ во Каиро

Во 70-тите години на минатиот век, во времињата на политички пресврт на Нил, огромниот „Град на мртвите“ во Каиро беше омилено место на среќавање на политички прогонуваните и неподобни интелектуалци. „Неформалните кафулиња“, во кои се среќаваа писателите и интелектуалците беа направени во огромната внатрешност на семејните гробници.

Денес, ситуацијата е поинаква. Поради актуниот проблем со живеалишта во Каиро, многу луѓе се принудени да бараат живеалиште во т.н. „Градот на мртвите“. Колку граѓани на Каиро живеат во некрополата е непознато. Проценките се движат од 30.000 до еден милион. Еден граѓанин на Каиро се сеќава: „Како деца секогаш игравме фудбал, овде во околината. Кога бевме жедни одевме во некоја од семејните гробници и таму ни` даваа вода. Внатре изгледаат како палати, не како гробови. Во една од овие гробници беше сместено и семејството Казарони. Тие ни` беа пријатели и беа добростоечки луѓе. Не беа пребогати, но можеа тоа да си го дозволат.“

Градот на мртвите има долговековна историја

Некогаш, богатите и влијателни личности од муслиманските владеачки династии таму ги граделе своите величенствени мавзолеи. Овде почиваат владетели на Мамлуките, Османлиите и Кедивите.

Но, на мирот му е ставен крај во 20. век, кога како последица на Шестдневната војна во 1967 година, многу луѓе побегнаа во Каиро, во потрага по засолниште. Во децениите што следуваат, продолжува бранот бегалци, пред се` од регионот на Суецкиот канал кон Каиро, па голем број Египќани бараат покрив над главата во градот на мртвите. Итноста на потребата да се најде стан, ги направило луѓето инвентивни. Тие се сместиле во

Totenstadt Kairo

Мавзолеј на Кедивите во „Градот на мртвите“

царството на мртвите, особено што голем дел од внатрешноста на гробниците е пространа, а киријата ниска.

„Градот на мртвите“ во 70-тите години се развил во центар на интелектуалците и политичките неистомисленици, објаснува публицистот, Јасер Абдел Латиф, кој има снимено документарен филм за животот во „Градот на мртвите“: „Постоеше група интелектуалци, кои со години се среќаваа овде, во ’Градот на мртвите’. Еден од нив, познатиот писател Махмуд ел Вардани, ја создаде теоријата дека овде се собираат создавачите на културата за да избегаат од репресијата и ограничувањата на тогашната власт на претседателот Садат. Не сум сигурен дали тоа важи за создавачите на културата, но недвосмислено е дека ’Градот на мртвите’, во секој случај, беше место на инспирација и тоа е и ден-денес.“

Неформален кварт

Одеднаш, на маргините на уличниот хаос, долж помпезните мермерни мавзолеи со нивните саркофази и едноставните семејни надгробни споменици, погледот се префрла на мало плоштадче, на мал „неформален кварт“ со училиште, продавници, џамија и едно кафуле.

Sarkophag eines bekannten Khediven in Qait Bey Totenstadt in Kairo Ägypten

Живот меѓу саркофазите

Тоа не е каков било локал, туку е кафулето на Муалим Шукуку, кој срдечно го поздравува Ислам Абдел-Монеим и го кани на пушење наргиле. По куса пауза и повлекување чад од наргилето, Ислам се навраќа на историјата на кафулето: „Како момче видов книги во кои беше прикажано како овде седи египетскиот писател Каири Шалаби. Често ги посетував моите пријатели во истата куќа. Тој седеше секогаш долу и пишуваше, или пак, собираше неколкумина колеги околу себе и дискутираа долго во ноќта.“

Живеалиште без адреса

Во „Градот на мртвите“ се погребани познати интелектуалци. На пример, реномираниот писател Таха Хусеин или исламскиот реформатор и учител Мухамад Абдух. Но, огромните гробишта во Каиро одамна го имаат загубено шармот на оаза на мирот среде хаосот на големиот град. Мега-градот Каиро и натаму има криза со живеалиштата, и покрај тоа што, во изминатите две

Blick auf Qait Bey – ein Teil der Totenstadt Kairo Ägypten

Панорама на „Градот на мртвите“

децении, на перифериите на најнаселените центри, се изградени населби за луѓето што патуваат до работа. Голем број Египќани и натаму повеќе сакаат да живеат среде град, одошто на маргините на пустината.

Во „Градот на мртвите“ воопшто не се бара дозвола за градба, а снабдувањето со вода и електрична енергија и до ден-денес не е како што треба. Овде, ретко ја наоѓаат својата конечна адреса и писмата и поштенските пакети. Но, Ислам Абдел-Монеим, сепак, оценува дека во „Градот на мртвите“ нешто се подобрило: „Во меѓувреме, семејните гробници барем имаат телефонски приклучок и приклучок за струја. Овде, во Египет, работите така функционираат - една состојба се одржува се‘ додека не стане нормална. Сега владата тешко може да интервенира и да ги отсели луѓето кои овде живееле 50 години, пред се` поради тоа што нема алтернативни решенија за живеење.“


Автор: Аријан Фариборц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска