1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Живот во темнина и радост за ситните нешта

Трети декември е Меѓународен ден на лицата со хендикеп. Љубица од Охрид, иако сосема слепа, тврди дека живее нормално. Научила да го види зракот во темнината. Живее сама и признава дека не и‘ лесно.

default

Љубица Костеска го загубила видот на 17-годишна возраст

Ѕвонам. Ми отвора Љубица. Со широка насмевка и благост што и‘ се гледа на лицето ми посакува добредојде. Иако сосема слепа, сама се движи низ станот и ме носи во кујната. Вели дека радиото и‘ е постојан придружник и дека Дојче веле го слуша редовно. Како да ја виде мојата изнендаеност рече:

„Еднаш-двапати ќе поминам низ просторот било каде и ќе се навикнам. Ќе се навикнам на просториите, кој предмет каде се наоѓа. Ќе навикнеш на сето тоа и ќе го живееш животот нормално, исто како да гледаш.“

Подмолниот глауком ме остави слепа

Љубица Костеска има 74 години, во Охрид живее од 1963 година. Видот го губи од превисок очен притисок - глауком, на 17 годишна возраст. Таа и родителите сториле се‘, но болеста тоа време не можела да се сопре.

Internationaler Tag der Menschen mit Behinderung

Трети декември за нејзе е празник

„Се најдов во темнина. Се разочарав и така го живеев животот. Ме прифатија моите, доаѓаа другарките. По извесно време се подослободив и се навикнав на тој живот со слепило.“

Се преселува во Охрид и со помош на друга жена цели 21 година оди и се враќа од работа во печатницата „Коста Абраш“:

„Работав повеќе работи. Луѓето многу убаво ме прифатија. Само јас бев слепа. И денеска луѓе со кои сум работела, кога ќе ме видат, не ме одминуваат.“

Плетењето и контактите со најблиските - лек за темнината

Ја посетуваат роднините, пријателите. Самотијата ја убива плетејќи: џемпери, капи, шалови, блузи . И тоа во разни бои и со разни плетки:

Internationaler Tag der Menschen mit Behinderung

Со плетењето ја убива самотијата

„Големината ја одредувам со допир, а за боите ќе прашам некого, која со која боја оди и ќе го изработам. Плетките што ги плетам ќе ми ја прочита некоја жена и јас ја плетам, немам никави проблеми.“

Љубица се служи со браевата азбука и вели:

„На колку луѓе сум им се понудила да го научат браевото писмо, но не сакаат. Не знам зошто. Со него се служам за броеви од телефони. Имам браев часовник, а радиово го слушам ден и ноќ. Инаку, тешко е. Некогаш убава светлина ќе имаш, некогаш послаба...“

Од реалноста не се бега, солзите не помагаат ...

Таа на лицата со одреден хендикеп, со некаква физичка и интелектуална попреченост, им препорачува да се дружат, да излегуваат од дома. Да избегаат макар и со мислите од четирите ѕида. А, трети декември за неа е повеќе од празник :

„Најсреќни денови ми се кога одиме во Сојузите, затоа што се среќаваме со лица со иста судбина и ќе си раскажеш се‘ што имаш, ќе се поднасмееш со нив.“

Кога ќе си отидат соседите, роднините, Љубица пак е сама со мислите и суровоста на животот:

„Само видот, ништо друго не ми недостига. Видот ми недостига. Разочарана сум, ама нема излез и така ќе го докрајчам животот.“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска