1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Животот на Палестинците во не-држава

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас повторно отпатува во ОН со барање во куферот. Наместо полноправно членство, Палестинците оваа година сакаат да аплицираат за статусот на држава не-членка на ОН.

Кампањата се очекува да биде стартувана по денешното обраќање на Абас пред Генералното собрание на ОН. Но, населението на палестинските територии е со други грижи.

Karim Rumani

Карим Румани

На централниот плоштад Ал Манара во Рамала има густ сообраќај како и секогаш. Таксистот Карим Румани, кого сите тука го знаат како Кимо, си има други грижи. Се’ стана прескапо, вели таткото на шест деца. Поради тоа тој пред две недели протестираше заедно со своите колеги – возачи на такси и автобуси. Тие ги блокираа улиците во повеќе палестински градови во знак на протест поради зголемувањето на цените на горивото. Иако цената на горивата е намалена, незадоволството остана.

„Наскоро ќе има и други протести. Ситуацијата стана неподнослива. Цените продолжуваат да растат. Ние Палестинците сме едноставно уморни од ова. Нашата влада треба да биде таму со нас. Тие самите се нарекуваат влада на палестинскиот народ“, нагласува таксистот Карим Румани.

Palästinenserpräsident Abbas

Махмуд Абас

Владата во моментов мора да штеди на се’. Касата на палестинските автономни власти во голема мера се празни, дефицитот е голем и постои зависност од поддршката од меѓународната заедница. Големите цени, неисплатените плати и најавените мерки за штедење создадоа незадоволство меѓу Палестинците. Не е за утеха тоа што Светската банка во најновиот извештај јасно наведе дека израелската окупација и нејзините трговски ограничувања не дозволуваат одржлив економски развој.

Дури и во пекарницата Ал Араби сопственикот Ум Мохамед се соочува со проблемите на своите муштерии. Таа се бори со зголемените трошоци. Но, владата ја замрзна цената на лебот за да ги спречи протестите.

„И за мене не е лесно. Се’ стана толку многу скапо. А, муштеријата ќе дојде и ќе рече – зошто вашиот леб е толку скап? Ние ги зголемивме цените пред два, три дена. И тогаш сите рекоа – ова е премногу. Сега повторно ја користиме старата цена“, објаснува пекарката Ум Мохамед.

Економската криза во Западниот Брег не е единственото нешто што го расипува расположението. Тука постои чувство дека ништо не оди напред, како во однос на задоцнетите парламентарни и претседателски избори, така и во однос на помирувањето меѓу Фатах и Хамас. Новото барањето на претседателот Абас во ОН за статус, овојпат на држава која има статус на набљудувач на повисоко ниво, годинава предизвика помал ентузијазам.

Umm Mohammad

Ум Мохамед

„Нашата економија е мртва, бидејќи сме притиснати од окупација. Тие дејствуваат како што сакаат. Како признаен член, дури и ако не сме полноправен член, ситуацијата ќе биде поинаква, бидејќи ќе бидеме под меѓународното право“, забележува еден муштерија во пекарницата.

Сега ја нема еуфоријата од минатиот септември за планираното полноправно членство. Тогаш Абас триумфално се врати од Њујорк, бидејќи и покрај меѓународниот притисок тој поднесе барање за полноправно членство. Но, тоа не дојде на гласање во Советот за безбедност. Сега Палестиницте наместо за полноправно членство сакаат да аплицираат за статусот на не-членка, кој може да се добие со просто мнозинство во Генералното собрание.

Во Рамала Ксавиер Абу Еид неуморно го промовира новото барање до ОН. Младиот Палестинец работи како портпарол на Одделот за поддршка на преговорите на Палестинската ослободителна организација.

„Луѓето едноставно ја загубија вербата. Она што се обидуваме да го направиме е да ја вратиме надежта, да им кажеме на луѓето дека сонот за палестинска држава од 1967-ма се’ уште е можен и оти затоа одиме во ОН. Кога луѓето ќе видат резултат, надежта ќе се врати“, вели Ксавиер Абу Еид.

Луѓето на Западниот Брег се надеваат дека светот собран во ОН ќе погледне на Палестинците и нивните проблеми.