1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Животна желба ми е да го видам Париз“

Денеска, од аеродромот во Скопје заминуваат десетина авиони кон европските дестинации. На патниците не им се потребни визи, туку биометриски пасоши. Во туристичките агенции велат, дека интересот за патување е зголемен.

default

Окована во мраз на неколу степени под нулата, Македонија ги испрати првите 140 патници кон европските дестинации, без визи. Еднодневната екскурзија во Париз ја организира Владата, на стартот на безвизниот режим. Со три автобуси од центарот на Скопје патниците, главно млади луѓе беа превезени до аеродромот „Александар Велики“ од каде со директен чартер лет на турска авиокомпанија заминаа кон француската метропола. На зборното место, пред зградата на Владата беа дојдени точно навреме во терминот одреден од организаторите не сакајќи да пропуштат ниту миг од прошетката по Шанзелизе.

Наоружани со фотоапарати и камери за да го овековечат овој историски ден. „Со оглед на тоа што времето е кусо, се надевам дека ќе донесеме добри впечатоци од градот на светлината. Се надевам, дека ќе поевтинат авиобилетите и во иднина ќе можам да посетам и други европски градови.“ - „Животна желба ми е да го видам Париз“, велат патниците.

Се очекува зголемена фреквенција на граничните премини

Skopje Flughafen Aleksandar Veliki

Аеродромот во Скопје

Денеска од скопскиот аеродром заминуваат уште десетина авиони кон европските дестинации. Рим, Цирих, Виена, Љубљана, ќе ги пречекааат гостите од Македонија на кои веќе не им се потребни визи во биометриските пасоши. Зголемена фреквенција се очекува и на другите порти кон Европа, граничните премини кон Бугарија и Грција.

Во туристичките агенции во Скопје велат дека укинувањето на визите значително го зголемило интересот на граѓаните за патување. „Веднаш штом се објави одлуката за укинување на визите е зголемен бројот на заинтересирани граѓани. Има различни цени за патување, во просек повратен билет до некој од европските центри чини 260 евра.“

По две децении визна изолација од денеска (19.12.09) македонските граѓани можат слободно да патуваат во речиси сите европски земји. Придобивките се бројни. За бизнисот се отвора можност за побрза и поблиска соработка со пазарите на членките на Унијата. На младите им се пружа шанса одблиску да ја запознаат Европа и да ги донесат дома европските вредности. За просечниот македонски граѓанин е важно чуството на слобода и еднаквост.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM