1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жесток телевизиски дуел меѓу Саркози и Оланд

Политичките коментатори оценуваат дека во ТВ дуелот меѓу двајцата претседателски кандидати во Франција нема победник, првите реакции на интернет говорат дека победник е Оланд.

Телевизискиот дуел меѓу Франсоа Оланд и Никола Саркози беше најдолгата телевизиска дебата меѓу два претседателски кандидати во Франција ( 2 часа и 50 минути), за време на која двата кандидати жестоко се судрија по повеќе теми: невработеноста, надворешната трговија, германскиот модел, долгот, образованието, имиграцијата и интеграцијата, нуклераната енергија и Авганистан.

Ждрепката определи прв да добие збор кандидатот на социјалистите Франсоа Оланд, кој остана на неговите позиции, сигурен во него, непопустлив и агресивен. Никола Саркози офанзивен се обиде да го дестабилизира својот предизвикувач, критикувајќи ги редовно неговите предлози. Дебата во која имаше десетина остри реплики, без време за здивнување, секој обидувајќи се да го фати во замка другиот.

Незапаметено „жестока“ дебата

Rededuell Francois Hollande

Франсоа Оланд

„Не сте вие кои поставувате прашања и кои давате оценки!“, рече Оланд

„Не давам никави оценки, но не сакам да одговорам  на вашите прашања“, одговори Саркози.

„Значи не сакате да одговорите, одговорете на ова прашање“ –инсистира Оланд.

„Ви благодарам,. Но не сум ваш ученик“ ,останува на своето Саркози.

Потоа имаше бројни обвинувања за лажење:

„Било што и да се случи, што и да помине, вие сте задоволни“ – продолжува Оланд.

„Тоа е лага, тоа е лага!“, одговара Саркози

„Што е лага?“, прашува Оланд.

„Кога велите дека сум задоволен. Тоа е клевета. Тоа е лага, тоа ви е смешно.“ – инсистира Саркози.

„Вие сега додавате клевета на лагата, вие не сте способни да имате размислување без да бидете непријатен со вашиот соговорник“ – одговора Оланд.

Тоа не го спречи Никола Саркози да инсистира дека Франсоа Оланд лажеше во текот на целата емисија.

„Вие лажете!“, продолжува Саркози.

„Ова е страшно, вие цело време го имате на ум зборот лага!“ , обвинува Оланд.

„Господине Оланд ова не е конкурс на мали шеги!“

„Не, не.“

Тонот продолжува и понатаму да се зголемува меѓу двата кандидати:

„Ви благодарам за вашата ароганција!“ , забележува Саркози

„Не, тоа е реалност“, смета Оланд.

„Вие сте мал клеветник, велејќи го тоа“, заклучува Саркози.

На излегување од дебатното студио, Никола Саркози, оцени дека неговиот противник беше агресивен, додека Франсоа Оланд нагласи дека Французите виделе за што тој бил способен.

Битка со бројки и без нови предлози

Rededuell Nicolas Sarkozy

Никола Саркози

Речиси три часовната дебата помина без нови предлози, освен таа на Франсоа Оланд дека ако биде избран е подготвен да оди на референдум за правото на гласање на странците на општинските избори. Двата кандидати често не се согласуваа и се расправаа за бројките, како на пример за јавниот долг, бројот на невработените или имиграцијата.

Саркози цело време го користеше аргументот на недостиг на искуство на Оланд во однос на европските прашања. Оланд одговара дека Саркози не ги обединува, туку ги разделува французите.

За невработеноста се води битка со бројки. Претседателот го обвинува својот ривал дека се користи со „лажни“ бројки. Оланд потсетува дека Саркози е на власт веќе десет години, жалејќи за слабите француски резултати на економски план, наспроти тие на Германија, на што Саркози се брани дека меѓу 2007 и 2012 имаше четири години на кризи.

За високата цена на горивото, Оланд најави дека ќе ја блокира цената три месец, на што Саркози праша: Кој ќе го плати тоа.

За јавниот долг, Оланд тврди дека тој се „удвоил“ од 2002 наваму, односно зголемување за 660 милијарди евра, 500 милијарди поправа Саркози. Двата кандидати сепак се согласуваат дека е потребно заздравување на јавните сметки, во 2017 за Франсоа Оланд, во 2016 за Никола Саркози.

Кандидатот на социјалистите не се откажува од неговиот предлог за нови 65 илјади вработувања во образовниот систем.

За Европа тој не е против „правилата“ но не сака „општо штедење“. Оланд сака нови преговори за европскиот договор за да се интегрира димензијата на екононскиот развој. На што кандидатот на десницата одговара дека Европската централна банка добро работеше и дека Европа успеа да се извади од тешката ситуација и дека се избегна исчезнувањето на Грција.

За имиграцијата дојдоа до израз идеолошкоите разлики меѓу кандидатите, Никола Саркози се залага за намалување на половина на легалната имиграција, додека Оланд најавува дебата во парламентот за утврдување на легалниот број на економската имиграција.

Околу нуклеарната енергија, во која работат околу 240 000 лица во Франција, Франсоа Оланд се залага да се премине од сегашните 75% во целокупното учество на оваа енергија на 50%, за што Саркози обвинува дека тоа е само политичкиот договор со Зелените.

Од меѓународните прашања стана збор само за Авганистан. Оланд сака да ги повлече француските трупи  од оваа земја до крајот на 2012, што според Саркози технички е невозможно и вели дека тоа ќе можно во 2013.

Без јасен победник

Политичките коментатори изутринава се едногласни: нема победник во дуелот. Никој од двајцата кандидати не успеа да го промени текот на кампањата, иако симпатизерите и штабовите на  кандидатите сметаат дека нивниот миленик е победникот.

На интернет анкетата на националното радио Франс Инфо 65% од испитаните сметаат дека во синоќешната дебата победил Франсоа Оланд, 29% дека тоа е Никола Саркози и само 7% сметаат дека ниту едниот, ниту другиот.

Анализата на околу 500 000 твитови исто така покажува дека Франсоа Оланд бил поубедлив од Никола Саркози. Но притоа треба да се потсети дека ниту еден телевизиски дуел не влијаел одлучувачки врз изборот на француските гласачи. Според последните испитувања на јавното мислење Оланд се уште е фаворит со 53,5% од намерите на гласачите, наспроти 46,5% за Саркози.