1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жестоки судири во Египет

Нови судири меѓу полицијата и приврзаниците на исламистичкото движење Муслиманско братство во Египет. Агенциите јавуваат за еден загинат и стотици уапсени од полицијата.

Еден загинат и над 150 приведени е билансот од денешните судири меѓу приврзаниците на Муслиманското братство и полицијата во повеќе градови ширум Египет. Вообичаено протестите ескалираа во петоците, по муслиманските молитви.

Египетските безбедносни сили во судирите употребија солзавец и гумени куршуми, а во истовреме ги обвинија демонстрантите дека користеле огнено оружје и нафтени бомби. Едно лице починало од здобиените повреди по судирите со полицијата во провинцијата Минја, јужно од Каиро, а според полициски извори, таму бил повреден и еден полицаец.

Властите во земјата го забранија Муслиманското братство, прогласувајќи го за терористичка организација, а забранети се и протестите на неговите приврзаници. Таквата одлука дојде по експлозијата на автомобил-бомба во Каиро, во која загинаа 15 лица. Владата го обвини Муслиманското братство за нападот, и покрај тоа што одговорноста ја презема радикална џихадистичка група од Синај. Од друга страна, од Братството соопштија дека ќе продолжат и натаму со мирни протести кои започнаа по смената од власт на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси. Членовите на Братството сега ризикуваат тешки казни, затоа што по прогласувањето за терористичка група неговите лидери се соочени со смртна казна, а сите учесници во протести со казна затвор до 5 години.

Полицијата ги растера студентите кои пред исламистичкиот универзитет „Ал Азхар“ во Каиро извикуваа пароли против полицијата и војската, а судири избија и во уште неколку делови на главниот град.

Безбедносните мерки во Каиро се зајакнати, бидејќи движењето Муслиманско братство и неговите сојузници повикаа на масовни протести против власта. Оклопни возила ги затворија главните плоштади во Каиро и други поголеми градови откако исламистичкото движење најави нови протести и покрај тоа што преодната влада ја прогласи оваа група за терористичка организација, пред клучното гласање за предлог-уставот на 14 и 15 јануари.