1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Жестоки протести во Бретања

Здив на револуција во западнa Франција - на протести во Бретања насочени против масовните отпуштања од работа и даночните оптоварувања, протестираа неколку десетици илјади луѓе. Владата стравува од ширење на протестите.

Организаторите на протестите зборуваат за 30 илајди учесници, властите за 10 илјади. За време на демонстрациите дојде и до жестоки судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Дел од демонстрантите фрлаа со камења и запалија еден контролен пункт на патарина. Полицијата реагираше со солзавец и водени топови.

На протести повикаа синдикатите и организации на земјоделците. Голем дел од учесниците носеа црвени капи, симбол на отпорот на жителите на Бретања во времето на Лудвиг 14. против даноците. Демонстрациите, меѓу другото, беа насочени против еко-данокот за камионите. Ова е втор протестен собир против еко-данокот во рок од две недели. На протестите пред една недела исто така имаше судири, по што владата на францускиот премиер Жан-Марк Ајро вети дека еко-данокот нема да стапи во сила на 1 јануари 2014 година, како што беше планирано. Сепак, Ајро нагласи дека владата се држи и натаму до ваквата давачка. „Откажување од ваквиот данок нема, но потребно е време за национален и регионален дијалог“, рече премиерот.

Француските власти стравуваат од ширење на протестите во целата земја. Според актуелните анкети, 85% од жителите на Бретања не веруваат дека актуелната влада може да се справи со кризата во земјата.