1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жестоки борби го тресат Дамаск

Една година од почетокот, бунтот против режимот во Сирија се’ повеќе го зафаќа и главниот град Дамаск. ОН и Арапската лига вложуваат напор за преговори со режимот на Асад.

Сириските владини трупи и бунтовниците од утрово водат жестоки битки во и околу главниот град Дамаск. Според непотврдени информации, во судирите имало десетици жртви. Причина за разгорување на борбите во амбасадорската населба Ал Мезех било наводно дезертирање на повеќе соработници на тајните служби.

Хајтам ал Абдула, опозиционер активен во Дамаск, изјави дека во судирите во текот на ноќта, западно од центарот на градот, биле убиени 50 војници на власта. Според опозицијата трупите на Башар ал-Асад утрово блокирале голем број улици во Дамаск и бил вршен претрес во повеќе куќи.

Во саботата (17.03) во градот одекнаа повеќе експлозии на автомобил-бомби, а борби се воделе и во Алепо.

Проценките се дека бунтовниците се обидуваат да го префрлат тежиштето на борбите во Дамаск, откако претрпеа повеќе порази во помалите градови низ провинцијата.

Обединетите нации и Арапската лига планираат натамошни мировни преговори со режимот на Асад. Според информации на агенцијата ДПА, делегација која треба да води разговори со сирискиот режим во името на специјалниот пратеник на двете органiзации, Кофи Анан, викендов пристигнала во сирискиот главен град.

Во руската воена база Тартус во Сирија во меѓувреме пристигна брод на црноморската флота со анти-терористичка единица. Маринците, во случај на бегство на руските граѓани од кризните региони, ќе треба да ја обезбедат евакуацијата.

Автор: АТ/ БГ/ дпа/ афп

Редактор: Е. М. Фиданоска