1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Жестока дискусија за средниот прст на Пер Штајнбрик

Социјалдемократскиот кандидат за германски канцелар Пер Штајнбрик покажува среден прст на фотографијата сликана за Зидојче цајтунг. Прикажан е во крупен план, а овој гест е придружен со бесен израз на лицето.

Гестот на Штајбрик предизвика лавина коментари и реакции во германските медиуми. Фотографијата сите ја коментираа главно надвор од контекстот. А, контекстот во овој случај - т.н. „немо интервју“. Во својот традиционален додаток „СЗ- магазин“, кој излегува во петок, Зидојче цајтунг веќе со години има двојна страница со серија црно-бели фотографии на некои познати личности. На секоја фотографија е личност која со изразот на лицето или некој гест одговара на прашањето на новинарот: вербални одговори се забранети. Со својот среден прст Штајнбрик одговори на прашањето кое гласеше: „Kiks-Per, Problem-Per, Perluskoni – Вие се чини не морате да се грижите за прекар?“ Во текстот кој ја коментира оваа фотографија, самиот Зидојче цајтунг пишува дека, од една страна, ја разбира „фрустрираноста“ на Штајнбрик: „Него го бие глас за проблематичен кандидат уште откако СПД набрзина го прогласи за предизвикувач на Ангела Меркел. Од друга страна, фотографијата со испружен среден прст, неколку дена пред изборите, нема да придонесе за исчезнување на тој имиџ“.



„Глупоста на Штајнбрик“, е наслов на коментарот кој го објави весникот Рајнише пост. Тој најпрво му оддава признание на Штајнбрик за тоа што со „борбен дух, шеги и аргументи, по стартот со полн неуспех, последните недели сѐ надомести“. Весникот пренесува дека христијанските демократи (ЦДУ), чија предизборна кампања повторно изгледа како „возење во вагон за спиење“, со право станале нервозни. „А, сега - ова!“ „Тоа што Штајнбрик на прашањето за својата серија неуспеси на почетокот на предизборната кампања емотивно одговара со покажување на среден прст, добронамерниот набљудувач може да го разбере како емотивна реакција. Но, човек со интелегенција како неговата, кој сака да стане сојузен канцелар, да биде доволно глупав една недела пред изборите и да одобри објавување и размножување на оваа фотографија во стотици илјади примероци, едноставно е неразбирливо. Еден врвен политичар никогаш не може да се ослободи од вакви фотографии. Во секоја политичка криза, дури и при најмалиот погрешен чекор кој би го сторил во земјата и во странство, Штајнбрик како канцелар би морал да ја гледа оваа фотографија во весниците...“

„Дали е ова паметно една недела пред изборите“, се прашува коментаторот на новинската агенција ДПА, Георг Исмар, кој смета дека гестот на Штајнбрик е всушност „кулминација на прашањето кое гласи: колку директност и иронија поднесува оваа предизборна кампања?“. „Штајнбрик остави свој печат на оваа предизборна кампања. Притисокот кој го чуствуваше кулминираше на 16. јули на конвенцијата на неговата партија, кога беше на работ да заплаче. Тој е бренд. Меѓу членовите на СПД средниот прст вперен во насока на медиумите би можел да предизвика одобрување - од него во текот на кампањата постојано е барано да биде во јасен контраст кон оние берлински слаткоречиви луѓе.

Но, овој гест има тежина: би можел да ги заплаши гласачите. Вредноста на Штајнбрик порасна по тв-дуелот со канцеларката, неговите пораки полека се пробија до избирачите (...) но оваа фотографија би можела да биде употребена против него“.

Весникот Мителдојче цајтунг онлајн бележи и неколку реакции на германски политичари на фотографијата на Штајнбрик. Така, шефот на Левичарската партија Бернд Риксингер во тој гест гледа „официјален крај на кандидатурата на Штајнбрик“. „Риксингер смета дека средниот прст на социјалдемократскиот кандидат претставува навреда за гласачите, како и дека СПД „веќе не игра за да победи, туку да обезбеди добар пласман“. Има и други мислења. Политикологот Геро Нојгебауер од Слободниот универзитет во Берлин рече за агенцијата АФП дека „не е премногу изненаден“ со настапите на Штајнбрик. Тој додаде дека „на симболите во политиката, не треба да им се дава преголемо значење и дека самиот Штајнбрик, на крајот, толкувањето на својот гест го оставил отворено“.