1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Жестока дебата за данокот на трансакции во ЕУ

Новата финансиска контрола на Европската унија влегува во сила. Сепак, од низата нови даноци кои се воведуваат, за пратениците во Европскиот парламент спорен е данокот на финансиски трансакции.

default

Комесарот за внатрешниот пазар на ЕУ, Мишел Барние, доби пофалби од сите страни во Европскиот парламент: постигнатиот компромис за воведување финансиска контрола и` се припишува на неговата упорност. Во јануари 2011 година ќе се формираат три нови надзорни тела на Унијата и тоа посебно за банките, осигурителните компании и финансиските пазари. Барние не ја криеше гордоста: „Финансиската контрола е стожер на целиот финансиски сектор на Унијата. За да избегнеме повторна финансиска криза, од особена важност е сите ентитети на пазарот да подлежат на ефикасна контрола.“

Хеџ фондовите под финансиска лупа

Michael Barnier

Мишел Барние, комесар за внатрешниот пазар на ЕУ

Од друга страна, многу прашања поврзани со реформите на финансискиот пазар останаа отворени. Германскиот пратеник од редовите на Социјалдемократите, Удо Булман, бара зајакната контрола на инвестиционите хеџ фондови: „Се` уште сме далеку од доследна контрола на менаџерите на хеџ фондовите. Не бараме одговорност од целата бранша, но никогаш нема да постигнеме успех на тоа поле ако навреме не ги пронајдеме црните овци кои ги пљачкосуваат добрите претпријатија.“

Зелените „про“, конзервативните „контра“

Особено жестока дебата предизвика данокот на финансиски трансакции. Германскиот пратеник од Зелените, Свен Гиголд, се согласува со воведување ваков данок, но вели дека со него во прашање се става кредибилитетот на Европската унија: „Во ваква ситуација најважно е да делуваме заеднички, во спротивно граѓаните на Унијата ќе станат завидливи ако од една страна правиме планови за штедење, а од друга не ги оданочиме капиталните добивки во Европа.“

Eu Parlament Dossier Bild 3

Седница на Европскиот парламент во Стразбур

Голем број пратеници од речиси сите политички фронтови бараат воведување данок на трансакции. Едни во него гледаат социјална праведност, други се надеваат дека државата на тој начин ќе добие дополнителни финансиски средства со кои ќе може да се справи со кризата. Сепак, има и противници. Британската пратеничка на конзервативните, Кеј Свинбрун, предупреди дека данокот ќе заврши кај погрешни луѓе: „На данокот на трансакции не може да се гледа како на готови пари кои се веднаш ставени на располагање. Наместо банките и финансиските посредници, данокот ќе го плаќаат пензионерите кои зависат од успехот на нивниот пензиски фонд на пазарот, или пак, претпријатијата од реалната економија кои би морале да плаќаат за секоја сигурносна трансакција.“

Покрај тоа, се` почесто има и приговори дека од корист би можеле да бидат само регулативи на глобално ниво; со било каква индивидуална финансиска регулатива, Унијата си наштетува самата себеси. На крај, бидејќи емоциите и личниот интерес на државите-членки редовно влегуваат во политичка игра, на Унијата, бездруго, и` претстои есен на тешки одлуки.

Автор: Кристоф Хаселбах / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска