1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жестока дебата во ЕП за спорот меѓу Македонија и Грција

Состанокот на делегацијата на ЕП, на кој требаше да се подготви Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, заврши со жестока дискусија меѓу германските и грчките европратеници, околу спорот за името.

default

Јорго Шацимаркакис

Желбата на претседателот на Комитетот, германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис, во него да не се се бара решение за името на земјата, туку да се дискутира за нејзиниот напредок, се распрсна како меур.

Веднаш по воведното излагање на амбасадорот на Република Македонија при Европската унија, Блерим Река, дискусијата излезе од контролата на претседавачот, најмногу поради острите спротиставени ставови за името. Амбасадорот Река, нагласи дека неговата земја ги исполнила сите услови за почеток на преговорите за членство во Европската унија, но се соочува со прашањето на името, кое се претвори во „непишан“ критериум кој може да го закочи процесот на евроинтеграциите на Македонија.

„Во мојот говор реков дека и нашата влада и нашето целокупно општество укажуваше и’ досега, и ќе продолжи со конструктивноста, да се најде едно заедничко решение. Но, во рамките на привремената спогодба од 1995 година, чиј член 11 исто така кажува дека првата страна, односно Грција, нема право и има обврска да не го кочи зачленувањето на Македонија во меѓународните организации.“

Грчките и бугарските европратеници инсистираат на добрососедски односи

Од друга страна грчките европратеници Јоргос Кумуцакос и Ани Подимата, поддржани од бугарскиот Евгени Кирилов, во повеќе наврати инсистираа на добрососедски односи, барајќи од македонските власти да се воздржат од провокации кон соседите. Според нив проблемот со името не е само билатерален. Кирилов побара да се испита, која од двете страни покажува конструктивност и подготвеност за компромис.

За германските пратеници се работи за билатерален спор неразбирлив за другите

Германските европратеници Михаел Крамер и Мартин Кастлер, заедно со Романката Моника Маковеи, тврдеа дека станува збор за исклучиво билатерален проблем, неразбирлив за другите, но кој ја блокира Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. Тие бараа спорот за името да не ја попречува Македонија во евроатлантската интеграција.

„Не можеме да сфатиме, ова е голем проблем бидејќи ветото на Грција против Македонија за членство во НАТО, за нас е неразбирливо. Тоа е тема на голема дискусија меѓу двете земји, што е потребно, но ние сакаме да ги разрешиме другите проблеми,“ нагласува Мишел Крамер.

Салавракос нема да патува во Македонија

Грчкиот европратеник и потпретседател на делегацијата, Николас Салавракос, од редовите на партијата на Караџаферис, слично како и неговиот политички лидер, провокативно побара од македонскиот амбасадор да ја именува неговата земја според привремената референца, на што амбасадорот категорично одговори. „За мене тоа е Република Македонија и јас сум амбасадор на Република Македонија и тоа е уставното име на мојата земја. Јас само така ќе ја нарекувам.“ Салавракос најави дека нема да патува на 18 и 19 февруари на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет во Скопје.

Шацимаркакис го повтори предлогот за Солана

Претседателот на делегацијата Јорго Шацимаркакис видно вознемирен од текот на расправата, во која на моменти не знаеше на која страна да застане, нагласи дека тој ќе биде присутен во Скопје. „Очекувам да зборуваме за содржината на напредокот во економијата, реформите и заштитата на природната средина, спроведувањето на Охридскиот договор и правата на малцинствата.“ Шацимаркакис не сакаше да зборува за спорот со името, претходно велејќи дека се’ уште постои првичниот елан по изборот на новата грчка влада. Тој ја повтори неговата идеја за улогата која може да ја игра Хавиер Солана за изнаоѓање на решение за името за време на шпанското претседателство со ЕУ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM