1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Жестока вербална војна меѓу Србија и Косово во ОН

Советот за безбедност на ОН расправаше за состојбата на Косово. Вршителот на должноста шеф на УНМИК, Фарид Зариф, поднесе редовен тримесечен извештај за ситуацијата.

default

Терористички структури, подмолни постапки и организиран криминал - српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ и неговиот косовски колега Енвер Хоџај се напаѓаа остро во ОН. Косово е опасност за мирот, изјави Јеремиќ на седницата на Советот за безбедност. Хоџај го обвини Белград дека дава поддршка на тешко вооружени паравоени сили на Косово.

„Нема и не смееме да го признаеме Косово како независна држава“, рече Јеремиќ, додавајќи дека признавање е спротивно на уставот и на волјата на српскиот народ.

EU Aussenministertreffen in Brdo Slowenien Vuk Jeremic

Јеремиќ: Косово е легло на организираниот криминал

„Пред нешто повеќе од еден месец, ситуацијата во нашиот регион одеднаш стана многу понебезбедна, стана помалку стабилна и помалку предвидлива. Тоа е директна последица на пресметана одлука на сецесионистичкото раководство на етничките Албанци, без никаква провокација, да даде наредба за упад во северно Косово, што е дел од кобен план за присилно наметнување на нелегитимен и, од страна на жителите во тој дел на провинцијата, несакан режим. Ургирам до Советот за безбедност да испрати јасна порака до виновниците дека нивниот унилатерализам е целосно неприфатлив“, изјави Јеремиќ.

Според српскиот министер за надворешни работи, на Косово воопшто нема деморкатија, тоа е на последно место во Европа од економски аспект и е легло на организиран криминал.

Хоџај: Белград сака да ја уништи стабилноста во Косово

Kosovo Aussenminister Enver Hoxhaj

Хоџај: Косово направи голем напредок

Сосема поинаква слика за својата земја даде косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај. Тој смета дека е направен голем напредок во политиката, економијата и социјалата. „Да, се‘ уште не сме развиени колку што треба, но растеме побрзо од останатите. Политичкиот систем стана постабилен, а тоа придонесе и за поголем стопански пораст“, рече Хоџај, кој обвини дека Белград сето тоа сака да го уништи и му дава поддршка на српското малцинство кое, како што рече, „со експлозив, автоматско оружје и снајпери ја напаѓа полицијата, која не употребува воопшто насилство“:

„Мора да изразам голема загриженост поради ескалацијата на вербалните и насилнички акти што доаѓаат од Белград и од неговите илегални структури на северот од Република Косово. Белград ги финансира, раководи и ги контролира тие структури. Тоа е најголемиот предизвик со кој се соочува Косово во овој миг“, рече Хоџај.

Тримесечниот извештај за ситуацијата на Косово, што се разгледуваше на седницата на Советот за безбедност, го покрива периодот од 16 април до 15 јули годинава. Поголемиот дел од членките на СБ на ОН во расправата оцени дека ситуацијата била стабилна, се‘ до пред крајот на јули, кога дојде до инциденти. Упатен е повик до сите страни да се воздржат од еднострани акции што можат да го загрозат целиот регион.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/дв/бета

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM