1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Жестока борба за докторска титула

Откриените плагијати на докторски дисертации на неколку политичари во Германија во последно време ги погодуваат и чесните млади научници. Тие стравуваат дека нивниот научен труд ќе загуби на углед.

Седум катови, педесет научници, едно „научно подрачје“- сето тоа може да се најде во Хамбург на улицата Вартбург 26, на само неколку стотини метри оддалеченост од универзитетот. Во овој научен институт се истражува културата на манускриптите во Азија, Африка и во Европа. Научниците од единаесет азиски, африкански и европски земји, специјализирани за филологија, историја на уметноста, историја на музиката, информатика и истражување на материјалите работат заедно. Многу од нив работат и на својата докторска дисертација.

Мајке Цимерман сака да докторира во областа на јапонологијата. Заедно со уште 20 колеги седи во павилјонот на едноставната, нова бела зграда. Ужива во атмосферата на тоа место: Тука човек има автоматски контакт со другите научници и докторанти и не работи сам“, вели младата научничка. 

Мајке Цимерман со интерес ги следи предавањата. Неделното претставување на научните работи и дискусиите се само дел од програмата за докторската дисертација. Кон тоа се вбројуваат и предавањата на гостински предавачи. Тие млади научници немаат финансиски проблеми. Мајке Цимерман за својата работа на универзитетот месечно добива 1500 евра.

Thema Doktorarbeit in Deutschland

Докторантката по јапонологија Мајке Цимерман и нејзиниот професор Јерг Квенцер

Јапонските универзитети вработуваат само доктори на наука

Се’ повеќе германски универзитети нудат такви програма за подготовка на докторскиот труд за да ги привлечат младите научници. И покрај тоа и натаму само десет насто од младите научници ги подготвуваат своите дисертации во рамките на такви програми. За нив недостасуваат пари а бројот на студенти кои сакаат да подготват докторска дисертација е голем. Според податоците на германскиот Сојузен завод за статистика, во зимскиот семестар 2010/2011 ги имало околу 200 илјади.

Во последно време нивниот број постојано се зголемуваше бидејќи кој има докторска титула полесно прави меѓународна кариера. Тоа важи и за јапонологијата, истакнува професорот Јерг Квенцер: „Ако некој сака да се вработи на јапонски универзитет како експерт за јазик, денес во секој случај мора да има докторска титула“, вели професорот Квенцер. Мина времето кога за тоа беше доволно да се има стручно знаење. Освен тоа во културите на источна Азија истотака се цени кога некој интензивно со години се заминава со некоја тема, вели овој јапонолог.

Помалку литература, помалку плагијати

Мајке Цимерман за докторирање не се одлучила поради кариерата, таа веќе имала работно место во Јапонија. Но поради интересот за јапонската историја се вратила на универзитет. За неа докторската дисертација е некој вид дополнително образование во кое оваа 29-годишна жена вложува многу енергија. Затоа ја лутат случаите во кои на истакнати политичари им се префрлува дека ги фалсификувале своите докторски дисертации и кои во последно време постојано се повторуваат. Таа стравува дека ќе и им биде намалена вредноста на докторските трудови.

И на хамбуршкиот Центар за етиопистика „Хиоб Лудолф“, каде се истражува културата и јазикот на Етиопија и Еритреја,се следат извештаите за фалсификување на докторските дисертација. Таквите обиди на тоа мало научно подрачје не се проблем, вели раководителот на центарот, професор Алесандро Бауси.

Тука бргу би паднало в очи ако некој докторант би препишал други научни трудуви, бидејќи во оваа област нема многу литература. „Универзитетот ни стави на располагање компјутерска програма за да можеме да провериме дали деловите од некој текст се плагијати или не“, вели Бауси. 

Недостатокот на време понекогаш фрустрира

Thema Doktorarbeit in Deutschland

Етиопистката Ангела Милер

Ангела Милер под патронат на професорот Бауси пишува докторски труд за промена на улогата и сфаќањето на жените во Етиопија. Таа самата ја одбрала темата и му ја предложила на професорот. Деведесет насто од докторантите во Германија го избира тој традиционален пат до докторската титула.

Тие се финансираат со помош на стипендии или пак работејќи со скратено работно време. Ангела Милер, работи како асистентка на својот професор. Дисертацијата ја пишува паралелно со работата.

34-годишната етиопистка со пишувањето на докторската работа започна во 2010 година, а крајот се’ уште не е на повидок. Таа настојува да одвои денови во кои целосно може да се концентрира на докторската дисертација. Имала и периоди кога била фрустрирана бидејќи немала доволно време да се занимава со докторската дисертација, но нејзиното големо воодушевување со Етиопија ја мотивира да продолжи. „Сметам дека е голема добивка , што можам својата тема научно да ја обработам. Тоа едноставно со пари не може да се плати“, вели Ангела Милер.