1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Жерновски почна со ревизија на „Скопје 2014“

Новиот градоначалник на скопската општина Центар формираше комисија од поранешни членови на Aнтикорупциската комисија кои ќе извршат ревизија на контроверзниот проект во центарот на Скопје.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски најави дека од денеска почнува со работа комисијата која  во рок од 90 дена треба да ги соопшти прелиминарните резултати од ревизијата за проектот „Скопје 2014“.

Членови на Комисијата се Слаѓана Тасева и Драган Малиновски. За шест месеци се очекува да биде готов и комплетниот извештај за направената ревизија. Ревизијата, како што информира Жерновски на денешната прес-конференција, ќе се одвива на три нивоа. Освен Комисијата, в понеделник ќе биде повикан Државниот завод за ревизија да направи контрола  на проектот во делот на општината, а ќе биде ангажирана и реномирана ревизорска куќа.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се извини доколку се утврди дека немало неправилности во проектот, Жерновски рече дека не гледа причина за тоа, бидејќи во текот на изборната кампања ветил дека ќе се направи ревизија.