1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Женските деца се раѓаат во Македонија!

Предупредувањата дека Македонија е во редот на земјите со неретки случаи на намерно уништени женски фетуси според надлежните се неосновани. Половата структура на новородените е во рамки на светскиот просек.

Случаите со чедоморство или предвремен намерен прекин на бременоста поради женски плод не се непознати во Македонија, но надлежните немаат регистрирано или пак евидентиран ваков случај, во поново време. Откако германскиот весник „Зидојче цајтунг“ објави дека проблемот на намерни абортуси или уништувања на женски фетуси освен во Кина и Индија е карактеристичен и за Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора, Дојче веле побара информации од надлежните околу оваа појава. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во последните пет години во земјата се регистрирани само два случаи на чедоморство и тоа еден лани и еден во 2008 година. И во двата случаи нема докази, ниту пак индиции дека причина за чедоморството е полот на фетусот:

„Податоците од секторот за аналитика на МВР покажуваат дека во 2008 година е регистрирано едно вакво дело во Прилеп со еден сторител и едно дело во 2012 година во Дебар исто така со еден сторител. Станува збор за ретки случаи, односно исклучоци кои биле последица главно поради поинакви причини. Секогаш постоеле исклучоци, но податоците од последните години покажуваат дека не станува збор за загрижувачка појава“, изјави за Дојче Веле портпаролот на МВР Борче Пешевски.

И социолозите кои се занимаваат со оваа проблематика, не гледаат причина за вознемиреност. Во поново време, нема докажан случај на несакан прекин на бременоста поради тоа што плодот е од женски пол, или пак намерно убиство на новороденчето поради таа причина, вели за Дојче веле социологот Илија Ацески:

„Во Македонија не е непознато дека се случувале вакви појави, но не и во поново време. Тоа можеби е карактеристика за подалечното минато, кога најчесто ваквите појави не биле ниту откривани, за некои воопшто и не се зборувало, а дел вешто се криеле од јавноста. Сите случаи што досега се евидентирани во најголем дел немале таков мотив. Сепак, не се исклучува можноста дека во минатото имало појави на нелегален прекин на бременост поради несакан пол на плодот или намерно уништување на фетусот“, коментира Ацески.

Социолозите сметаат дека нема простор за посебна загриженост околу наталитетот, односно неговата полова структура, бидејќи Македонија не отстапува значително од светскиот просек. Статистиката покажува дека во структурата на новородени според пол, машките имаат минимално поголемо учество и тоа 51,6%. Односно, на 100 новородени женски деца, 106,7 се машки. Светскиот просек е 100 спрема 105 во корист на машкиот пол. Во Македонија веќе подолг период се водат дебати и кампањи околу планирањето на семејството, абортусот и неговата евентуална забрана. Постои поделенот околу тоа дали абортусот е кршење на човековото право на живот на нероденото дете, или пак слободно право на мајката да одлучува за предвремен прекин на бременоста.