1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Женскиот фудбал напредува

Фудбалот од поодамна не е исклучително машка игра. Женскиот фудбал се‘ повеќе го зголемува квалитетот и делокругот на свои приврзаници. За оваа тема со Горазд Михајлов, тренер на еден женски клуб на Исланд.

default

Горазд Михајлов

Горазд Михајлов е поранешно познато фудбалско име во Македонија. Беше голгетер, репрезентативец. Веќе 5 години е тренер на Исланд, но на еден од најдобрите женски клубови. Паузата во исландското првенство ја користи за престој во Скопје. Вака го опишува моментот на женскиот фудбал на Исланд и вопшто во Скандинавија.

„Машкиот и женскиот фудбал на Исланд се третираат исто. Воопшто нема никаква поделба. Женскиот фудбал во скандинавските земји има голем прогрес, во последната деценија многу вложуваат во женскиот фудбал и не е чудо што на сите светски и европски првенства може да видиме дека скандинавските земји го водат овој главен спорт, заедно со Германија, Бразил и САД на светско ниво, додека на европско, скандинавците го имаат приматот.“

Исландски искуства

Клубот Хотур од Егелстадир е фудбалската база во која работи Горазд Михајлов. Под неговата раководна палка е и комплетната фудбалска академија на таленти, момчиња и девојчиња од 7-18 години. Поучно е искуството колкаво е вниманието на Исланд, кое им се посветува на младите.

„Под мое водство тренираат 350 деца, а исто така министерството за образование во соработка со фудбалската федерација на Исланд и сите средни училишта, во сите поголеми градови има отворено фудбалски академии каде што работат тренери кои што се лиценцирани од УЕФА. Во Егилстадир таа привилегија ја имам јас.“

Frauenfußball-EM - Deutschland - Norwegen 4:0 Flash-Galerie

Во светот женскиот фудбал има традиција-од натпревар меѓу националните екипи на Германија и Норвешка, 2009 година

Едукацијата на тренерите-приоритет

Михајлов е со завршен факултет за физичка култура, а само денови го делат и од добивање на највисоката тренерска лиценца на УЕФА. Генерацијата на фудбалски дипломци според него, може да биде исклучително важна за развој и на македонскиот фудбал.

„Голема привилегија беше да се учествува на сите тие семинари кои ги организираше центарот за едукација при ФФМ. Да седите на иста клупа со еден познат и еминентен тренер како Ѓоко Хаџиевски, Зоран Стратев, Алексо Мацков, Тони Савевски, Милко Ѓуровски. Имиња кои што го задолжиле македонскиот фудбал и верувам дека со овој центар и со оваа едукација на нас тренерите ќе придонесеме за што поголем и подобар развој на фудбалот во Македонија."

Горазд Михајлов на Исланд ќе биде еден од малкумината тренери со највисоко тренерско звање на УЕФА.

„Исланд како земја ја нема таа можност како ние тука, фудбалските тренери во Македонија, да се едуцираме во својата матична земја. Тие се едуцираат во Англија, заедно со фудбалската асоцијација на Англија. Моментно на Исланд има седум тренери, јас ќе бидам осмиот или деветиот тенер кој ја поседува таа диплома и секако дека привилегиите се големи“.

Надеж за македонскиот женски фудбал

Ако кариерата како играч го водеше од Германија, преку Словенија, Шведска, Франција, нормално и во Македонија во Вардар, тренерската засега ја врзува за Исланд. Горазд Михајлов вели дека не го познава доволно македонскиот женски фудбал, но посакува тој да се крене повисоко.

„Верувам дека женскиот фудбал со една голема брзина се приближува кон машкиот и верувам дека еден ден нема да биде изненадување кога љубителите на фудбалот во Мекедонија ќе го видат македонскиот женски фудбал на исто рамниште со скандинавскиот“.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска