1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Жените и понатаму помалку платени од мажите

Жените во Германија заработуваат во просек 23% помалку пари од нивните машки колеги - и тоа за иста работа. Со тоа Германија се наоѓа меѓу земјите со најлоша состојба на овој план - не само во ЕУ, туку и во ОЕЦД.

default

Зошто помала плата за иста работа?

Доколку за разликата во приходите меѓу мажите и жените би можеле да решаваат германските граѓани, тогаш таа веќе одамна би била отстранета. Преку 90% од сите испитаници во анкетите на јавното мнение тврдат дека ваквата дискриминација по основа на полова припадност не смее да постои во модерните општества. Но, наспроти проширеното јавно мнение, жените и мажите во Германија не добиваат иста плата за иста работа. Така е уште од самиот почеток на вработувањето, покажува една студија на фондацијата „Ханс Биклер“, блиска до организацијата на германските синдикати. Дури и почетничките во работниот живот заработуваат 18% помалку од нивните машки колеги без искуство. Студијата покажа исто така дека разликите се поголеми, доколку станува за поголеми претпријатија.

Неисполнета задача

Европската комисија им даде задача на земјите членки до 2010 година да вложат напори за суштинско намалување на разликите во приходите меѓу мажите и жените. Германија сосема јасно не ја исполни оваа задача од Комисијата. Тоа го признава и Ева Марија Велскоп-Дефа, раководителка на Секторот за еднаквост во Министерството за семејни прашања: „Сакаме да ги анализираме сите причини за скандалозните разлики во платите и сакаме сите да ги надминеме. Заклучивме дека во Германија голема причина е тоа што жените почесто го прекинуваат, или редуцираат работниот однос од мажите и тоа исто така на подолг рок од машките колеги.

Geschäftsfrau mit Kind und Kaffee

Кариерата и мајчинството тешко се интегрираат во секојдневнието

Тоа е секако, меѓу другото, поврзано и со бременоста. Затоа сите мерки што ги воведовме во претходниот легислативен период се насочени кон надминување на оваа причина. Тука спаѓа воведувањето на платата за родители, што подразбира еден од двајцата родители да добива 70% од платата додека останува дома заради детето. Потоа во мерките се вбројува и програмата што отвора перспективи за повторно вклучување на жените во работниот процес итн. Секако гледаме и други причини што се поврзани со претпријатијата и затоа водевме разговори со повеќе актери, почнувајќи од синдикалните организации, преку организациите на жените, до здруженијата на работодавачите. Успеавме сите нив да ги сензибилизираме за оваа тема и си поставивме цел - до 2020 година да ја намалиме разликата во заработувачката на само 10%.“

Тоа значи дека за 10 години, разликата во заработувачката меѓу мажите и жените за иста работа, би требало да изнесува само 10%. Тоа е амбициозна цел, за чие остварување ќе треба да се вложат уште многу напори, а ќе биде потребно и многу време.

Искуства од Швајцарија

Дека е така потврдува и примерот на соседна Швајцарија, каде дискриминацијата по основа на половата припадност е забранета со уставот и со законот за рамноправност - исто како и во Германија. Но, и таму тоа се покажа како неефикасно, исто како и во Германија. И во Швајцарија продавач на колбаси заработува повеќе од колешката продавачка на сирење во истото претпријатие. Ситуацијата, барем до некаде, се измени од средината на 90-тите години, кога беше донесена уредбата дека јавни тендери можат да им се доделуваат само на фирми, во кои и мажите и жените заработуваат навистина еднакво. Тоа што ситуацијата само делумно се измени е поврзано со фактот што долго време им се веруваше на претпријатијата на чесен збор. Од неодамна и тоа се смени: „Законот има експлицитен пасус со кој се овозможуваат контроли, па и санкции доколку фирмите не се придржуваат до законските одредби.

Geschäftsfrau Business Frau Erfolg

Долг пат до успехот

Кон крајот на 90-тите години, надлежните органи му дадоа налог на нашиот истражувачки центар да изработи соодветен инструмент за контрола. Тој постои како законски поткрепен инструмент од 2004, а првите реални контроли започнаа во 2006 година“, појаснува Силвија Штруб од Бирото за социјално-политички и трудови студии со седиште во Берн.

Иако овој закон се однесува само на јавните претпријатија во Швајцарија, тој успеа да предизвика реална промена во намалувањето на разликата во заработувачката меѓу мажите и жените во целата земја. Ова, меѓу другото, затоа што и приватните фирми се поведоа по примерот на јавните и направија значителен исчекор во истата насока. Наспроти сите овие промени, во Швајцарија и ден денес мажите за иста работа заработуваат околу 19% повеќе пари од жените. Силвија Штруб очекува дека разликата ќе се намалува.

Канадски Квебек најнапреден

Добар пример на овој план е и канадската покраина Квебек. Откако синдикалните и организациите за заштита на женските права извршија голем јавен притисок во 90-тите години, Министерството за труд поднесе закон што беше обврзувачки и за јавниот и за приватниот сектор. Ерик Шарест од Универзитетот во Квебек вршеше научни анализи на примената и дејството на законот за еднаквост: „Според нашиот закон за еднакви примања мора секој работодавач да докаже деке жените кај него не заработуваат полошо од мажите и дека работните места, на кои повеќе работат жени исто така не се принципиелно помалку платени од оние на кои работат повеќе мажи. Работодавачот мора да изготви прецизен опис на работно место и подоцна да анализира дали на вработеното лице му исплаќа соодветна плата. Доколку се покаже дека некоја работа има висок квалитет, но е послабо платена затоа што ја извршуваат претежно жени, тогаш работодавачот мора да ја надополни разликата. Притоа работодавачите не треба да ги намалуваат приходите на машките колеги, туку да ги зголемат оние на женските“, појаснува Ерик Шарест од Универзитетот во Квебек.

Business - Frau - Jet Symbolbild

И жените можат да патуваат и да склучуваат зделки - и тоа еднакво квалитетно

Реални резултати

Законот ги обврзува сите претпријатија со повеќе од 10 вработени да проверат дали мажите и жените имаат еднаков третман на полето на заработувачката. Само платите на сопствениците на претпријатијата и на членовите на управните одбори не подлежат на обврската за проверка. И покрај овој недостаток, законот на Квебек се смета за најнапреден во целиот свет. Експертите оценуваат дека досега нема поефикасно законско средство во борбата против нееднаквоста на овој план и дека клучот за успехот на моделот од Квебек лежи во неговата транспарентност. Позитивните промени од стапувањето на законот на сила се видливи. Во големите претпријатија, на пример, разликата во заработувачката меѓу мажите и жените се намалила на помалку од 5%. Освен тоа, платите на вработените во типично женските занимања, како секретарка, благајничка и медицинска сестра, пораснаа за околу 10%. И иако вакви и слични законски мерки има само во двете покраини Квебек и Онтарио, тие сепак имаат значително влијание врз состојбата во цела Канада.

Германија уште куца

Германија е уште далеку од ваков развој. На жените им останува и натаму само патот низ судниците на судовите за труд, критикува професорката по правни науки Сибиле Раш од Универзитетот во Хамбург. „Ние засега го имаме само општиот закон за еднаков третман, а тоа значи дека како инструмент постои само индивидуалната тужба. Тоа функционира само кога станува збор за скандалозни случаи што излегле во јавноста.

Symbolbild Frau Geschäftsfrau

Еден ден сепак ќе триумфираме

Во другите случаи, законот нема големо влијание, бидејќи судските процеси траат многу, многу долго и често завршуваат дури во Сојузниот суд за труд. Тоа можат да го издржат само мал број жени во Германија и затоа тврдам дека нашите законски мерки се скудни и не помагаат многу!“

Од меѓународните искуства станува јасно дека на Германија и’ преостануваат принципиелно две насоки во борбата за еднакви права на полето на платите - или половите треба да имаат по традиција еднаков третман во општествениот живот, како што е тоа случај во Шведска, или пак се неопходни ефикасни законски мерки, како што покажува примерот на Швајцарија. А во Германија го нема ни едното, ниту другото. Затоа, земјата на подолг рок мора да се помири со една од најлошите позиции во меѓународна спредба и со тоа - со лошо реноме по ова прашање.

Автор: Хенриете Вреге / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска