1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Жените го извлекоа подебелиот крај

Жените претежно имаат несигурни работни места. И само еден мал дел од жените се на врвни позиции, водат претпријатија или располагаат со големи суми на пари. Како овие жени и` се спротивставуваат на финансиската криза?

default

Карола Кирхнер триесет години била верен клиент на „Берлинер Банк“. Кога сопственичката на градежно претпријатие, во минатата година, доби две големи нарачки и мораше да земе аванс за да ги изврши, банката одби да и` го зголеми кредитниот лимит. Да не влезеше во игра друга банка, Карола Кирхнер ќе мораше да ја затвори фирмата. Исто како нејзиното, многу други претпријатија се борат со застојот во кредитирањето на стопанството. Но Карола Кирхнер е убедена дека таа, како жена, е во посебно тешка позиција:

„’Берлинер банк’ ме знае одамна. Никогаш сериозно не ме сфатија како претприемач. Тоа го забележувам од начинот на кој се однесуваат кон мене, со една извесна ароганција. И без тоа не е лесно да си жена во градежната индустрија. Од една страна постои некоја шареноликост, но од друга страна, мажите се поврзани во мрежи, во кој јас никогаш нема да припаѓам. Во вакви околности, застојот во кредитирањето се одразува исклучително негативно.“

Жените се подобри кога работат заедно со мажите

Symbolbild Frauen im Büro / gutes Verhältnis Chef und Mitarbeiter

Мешаните тимови се поуспешни

Карола Кирхнер е една од малкуте жени кои се осмелуваат да ја обелоденат својата тешка ситуација. Поддршка за тоа добива и од „Здружението на германските жени-претприемачи“. Претседателката на здружението, Петра Ледендекер, вели дека жените мора да ги трпат последиците од кризата, за која всушност се одговорни мажите. Прекумерната алчност и меурот шпекулации кои на крај доведоа до финансиска криза, би биле спречени доколку повеќе жени биле на раководните позиции, смета Петра Ледендекер:

„Ние не сме подобри менаџери, ние сме само подобри кога работиме заедно со мажите. Склони сме кон поголема претпазливост. Навлегуваме подлабоко во причината, кога станува збор за важни одлуки. Жените не се толку подготвени да ризикуваат. Секако дека подготвеноста за ризици е важна, ама би рекла дека се потребни извесни ограничувања.“

Научни докази за способностите на жените

Geschäftsfrau mit Kind und Kaffee

Жените се познати по своите „мултитаскинг“ способности

Студиите покажуваат дека мешаните тимови и претпријатија управувани од жени се поуспешни на долг рок, од фирмите во кои доминираат мажи. И бизнис културата е подобра, кога управниот одбор е мешан, но сепак само пет отсто од сите германски топ-лидери се жени. Поради можноста да се влошат шансите на жените во економската криза, германскиот Совет на жени бара од „Здружението на германските жени-претприемачи“ да се формира квота на жени за тие да мора да бидат застапени во одлучувачките тела во економијата.

Во времиња на криза, многу жени ја избираат традиционалната поделба на улоги, потврдува и овогодинешниот семеен мониторинг на Сојузното министерство за семејство, сениори, жени и млади. Студијата покажува зголемен интерес на жените за работните места со половина работно време. Бројот е зголемен и на оние кои воопшто не сакаат да работат. „Се чини како жените да сакаат да отстапат место кога на пазарот на работна сила ќе стане тесно“, стои во заклучокот на студијата.

Автор: Клаудија Хенен / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска