1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Женева: Нема договор за иранската атомска програма

Новата рунда преговори за спорната иранска атомска програма во Женева не донесе договор. Наредната рунда треба да се одржи на 20. ноември.

На тридневните преговори во швајцарскиот град Женева меѓу петте земји-постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија од една и Иран од друга страна за спорната атомска програма на Техеран и покрај почетниот оптимизам не беше постигнат договор. На преговорите на кои стануваше збор за олеснување на меѓународните санкции за Иран во замени за ограничување на користењето на атомска енергија од страна на Техеран, покрај министрите за надворешни работи на САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција и Германија учествуваа и иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон.

По завршувањето на состанокот во Женева доцна синоќа Ештон најави дека разговорите за спорната иранска нуклеарна програма ќе продолжат на 20. ноември. „Остварени се конкретни резултати, но некои прашања остануваат да се разјаснат“, изјави таа. „Наша цел е да се дојде до заклучок и ние ќе се вратиме тоа и да го направиме“, додаде Ештон.

Рохани говори за црвени линии

Министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Зариф оцени дека лично не е разочаран што не е постигнат долго очекуван договор со светските сили за нуклеарната програма на Техеран. „Воопшто не сум разочаран“, изјави Зариф откако беше соопштено дека по тридневните разговори не е постигнат договор.

Во меѓувреме претседателот на Иран, Хасан Рохани уште еднаш го потенцираше правото на неговата земја за збогатување на ураниум. Рохани изјави дека Иран нема да одговори на кои било закани, санкции и понижувања и дека Исламската Република постапува рационално во преговорите за спорната нуклеарна програма.

„Им рековме на преговарачките страни дека нема да одговориме на какви било закани, санкции, понижувања и дискриминации. Исламската Република нема да ја спушти главата пред заканите од кој било авторитет“, изјави Рохани во говор пред Народното собрание во Техеран.

„За нас постојат црвени линии кои не може да се преминат. Националните интереси се наши црвени линии кои ги вклучуваат нашите права во рамки на меѓународните права и правата за збогатување ураниум во Иран“, нагласи иранскиот претседател.