1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Железничка несреќа во Мексико - загинаа илегалци

Во железничка несреќа во источниот дел од Мексико загинаа најмалку пет луѓе, кои илегално патувале низ земјата кон САД.

Најмалку пет лица загинаа во источниот дел на Мексико, откако воз, кој превезувал потенцијални имигранти кон границата со САД, излета од шините. Осум од дванаесетте вагони излетале од шините, а причината не е позната. Можно е возот да возел со преголема брзина за време на обилниот дожд и поради тоа да излетал од шините. Локалните медиуми јавуваат дека бројот на жртвите може да достигне и до 50 лица и нагласуваат дека возилата на брзата помош не можат да стигнат до местото на несреќата во Вимангиљо, во мексиканската сојузна држава Табаско, поради непроодноста на теренот.

Во несреќата се повредени најмалку 35 лица, од кои 17 потешко. Шефот на цивилната заштита Сезар Бурело изјави дека инцидентот се случил изутрината по локално време, во регион опколен со езера и шуми и во кој нема сигнал од мобилните телефонски мрежи. Тој изјави дека во возот имало десетици имигранти. Според соопштението на цивилната заштита возот превезувал околу 250 нелегални имигранти.

Рутата на товарниот воз води од јужниот кон северниот дел на Мексико. Населението го нарекува „Ла бестиа“, зашто постојано доаѓа до несреќи и жртви. Со него често патуваат илегалните имигранти, кои им плаќаат пари за шверцерите на луѓе за трасферот. Во јужниот дел Мексико граничи со Гватемала. Според проценките, дневно 200 - 400 луѓе ја преминуваат границата за преку Мексико да стигнат до САД. Делницата ја контролираат криминални банди, кои често ги ограбуваат имигрантите.