1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Желби за Велигден - веронаука, повеќедетност, сплотување

Честитки до верниците по повод Велигден испратија архиепископот на МПЦ г.г. Стефан, премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов.

Архиепископот на Македонската православна црква г.г. Стефан во велигденската честитката ги потсети верниците дека одговорноста за формирањето на духовно зрела личност ја има семејството.

„Она што на нашите генерации им е најпотребно е вистинската духовна обнова, обнова во живеењето со верата прадедовска, преку која се отвораат вратите кон вистината, потребна во животот на секој поединец и на сите заедно. И овие наши поколенија се повикани да бидат сведоци и следбеници, да бидат апостоли и благовесници на спасоносната вистина“, рече г.г. Стефан.

Тој се осврна и на намалениот наталитет во земјата, забележувајќи дека „личноста и семејството се основните клетки на општеството“.

„Какво ни е семејството, такво ќе ни биде и општеството. Ако ни е семејството побројно, такво ќе ни биде и општеството. А, кога сме побројни, тогаш вложуваме сигурност и во опстанокот и во иднината, вложуваме и за себе и за потомците. Затоа, да застанеме храбро и да и се спротивставиме на белата чума која сака да нe’ пороби, да нe’ уништи. Живееме во време кога на младиот човек му се нудат разновидни идеи и начела, коишто се спротивни на љубовта и влијаат во намалувањето на моралот и волјата за општествен придонес“, рече г.г. Стефан. Поглаварот зборуваше и за изучувањето на веронауката:

„Особено во мултиетничките и мултиконфесионалните општества е неопходно да се развиваат толеранцијата и меѓусебното почитување. Сите верски екстремизми и фундаментализми потекнуваат од непознавањето или погрешното познавање на верата. Тоа е дополнителна причина поради која целосното интегрирање на веронауката, како редовен предмет, е од суштинско значење за нашиот народ. Таму каде што постои право на вероисповед, треба да постои и право на слободно и непречено изучување на истата. Минати се времињата кога верата се сметаше како закана за државното уредување“.

Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan

Со Светата Златоустова литургија во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје чиноначалствуваше поглаварот г.г. Стефан

Во честитката поглаварот ги наброја и годишнините кои ќе се одбележат годинава, меѓу кои ги наброја и 110-те години од Илинденското востание и 100-те години од Букурешкиот мировен договор.

„На тој настан постојано се потсетуваме со длабока национална тага, поради големата трагедија и поделбата што му ја донесе на нашиот македонски народ и земја, од што и денес трпиме последици. Но, доколку се трудиме да го сочуваме нашето национално единство, и во поделената татковина и меѓу иселените Македонци по светот, ќе можеме пред сите и насекаде да покажеме дека со ниеден договор и со никаква одлука не може да се подели обединетиот македонски народ“, рече поглаварот на Македонската православна црква.

Велигденски честитки од државниот врв

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на утринската велигденска литургија во црквата „Света Богородица – Каменско“ во Охрид, од каде упати велигденска честитка.

„Посакувам многу среќа, здравје и успех на сите граѓани на Република Македонија, како од христијанска вероисповед, така и на сите останати. И, Господ да ни даде повеќе сила и мудрост да можеме да продолжиме со успеси и со решавање на сите предизвици, и секако да ги оствариме сите индивидуални цели, сите лични цели. Секое семјство, секоја индивидуа има сопствени желби, сопствени цели - посакувам да им се исполнат, и истовремено да има многу повеќе почит меѓу луѓето“, рече премиерот по завршувањето на литургијата. Груевски заедно со сопругата денеска ја посети и црквата „Свети Ѓорѓија“ во Струга, а утре ќе престојува во Вевчани каде ќе биде поставен камен-темелник на нова црква.

На сите православни верници празникот Велигден им го честиташе и претседателот Ѓорге Иванов.

„Христос Воскресе - Навистина Воскресе. За многу години да ни е Велигден. На сите христијани кои денес го слават овој голем празник им посакувам се најубаво, многу здравје, радост и среќа во животот. Да има многу добрини и убавини“, изјави Иванов, кој присуствуваше на Светата Златоустова литургија во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Како што сме сложни и обединети овие денови, потенцира Иванов, така да бидеме и во државата, сите што живееме, за просперитет и успех на сите нас.

„Да им се посветиме на нашите семејства, особено на нашите деца. Да им даруваме многу љубов, радост и да им даваме многу надеж. Кога сме обединети можеме да ги совладаме сите предизвици со кои се соочуваме за добро на сите нас што живееме во Република Македонија“, рече Иванов.