1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Желбата недоволна, Металург поразен од Хамбург

Во ракометната Лига на шампиони Металург е поразен од Хамбург и заврши на третото место во групата Ц. Гостувањето во Скопје на геманскиот првак беше повод за голема ракометна претстава пред шест илјади гледачи.

Мотивите беа на страната на Металург, квалитативната нијанса на страната на Хамбург, неприкосновениот лидер во групата. Германците славеа со 25:23. Македонскиот првак не успеа да стигне до бод, кој му обезбедуваше второ место и поповолна жрепка за 1/8 финалето. На крај новите ракометни миленици со аплауз беа испратени. Првпат една македонска екипа е во нокаут фазата на Лигата на шампионите.

Александар Петровски, кој е дел од стручниот штаб на Металург, жали за пропуштената шанса да се направи подобар резултат.

„Дадовме се од себе. Сметам дека натпреварот го загубивме на почетокот на второто полувреме кога имавме шанса да направиме поголема разлика и да го натераме Хамбург да ја брка разликата. Ние не успеавме во тоа. Хамбург,како голема екипа ги казни нашите грешки и го смени резултатот во своја полза“.

Јенс Хаузлер, од неодамна е на тренерската клупа на Хамбург. Вакви се неговите први впечатоци по натпреварот.

Symbolbild Handball Hand mit Ball

„Тоа беше многу бучен и преполн со емоционален набој меч, особено за Металург. Ние пред ваквата прекрасна публика, мислам дека покажавме добар карактер. Во овој момент, добро ни дојде ваквиот тежок натпревар, бидејќи не сме во најдобра форма,што покажа и нерешениот резултат минатата недела против Копер. Се извлековме против Металург, кому му честитам за големата борбеност“.

Во осминафиналето-Копенхаген, Веспрем или Загреб?

Наумче Мојсовски, еден од инспираторите на играта на Металург оценува дека досега направеното, е за респект:

„Задовлни сме во целост. Можеби некои работи не испаднаа фер кон нас, бидејќи со директните конкуренти Копер и Висла одигравме 4 одлични натпревари, бевме подобри од нив, па нереално сме на третата позиција.“

Утре во седиштето на ЕХФ ќе се влече жрепката за осминафиналето. Потенцијалните противници на Металург се екипи од самиот европски врв. На кое име Наумче Мојсовски посакува да се запре тркалото на среќата?

„Непожелен е данскиот Копенхаген! Веспрем или Загреб е нашата желба. Со нив сме сосема блиски според квалитетот, па затоа би сакале да играме против еден од овие два тима со надеж дека ќе успееме да ги елиминираме“.

И целокупната македонска јавност е во исчекување на следната епизода од ракометната сторија, која ја испишува Металург во Лигата на шампионите. Во моментите кога популарноста на ракометот во Македонија постојано се зголемува.

Автор: Златко Калински

Редактор: Ж. Ацеска