1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Жежок пречек за „Комитите“ во Дортмунд

Германската полиција издаде ново соопштение во кое го разјаснува синоќешниот инцидент на аеродромот во Дортмунд во кој беа вмешани и навивачи од Македонија. Најверојатно се работи за членови на навивачката група „Комити“

Групата македонски навивачи кои синоќа учествуваа во судирите меѓу навивачите на фудбалските ривали Борусија и Шалке на аеродромот во Дортмунд не го предизвикала инцидентот и според информациите од германската полиција меѓу нив нема повредени ниту уапсени.

Според информациите на интернет-форуми на навивачките групи, најверојатно се работи за членови на навивачката група „Комити“ од Скопје. „Комитите“ веќе неколку години негуваат пријателски односи со групацијата „Ултрас Гелзенкирхен“- навивачи на Шалке, на чија покана и пристигнале во Германија за да го следат дерби дуелот од Бундеслигата меѓу Шалке и Борусија.

Според информации на полицијата, групата од околу 20 македонски навивачи билa пречеканa од околу 30 членови на „Ултрас Гелзенкирхен“ на аеродромот околу 21 часот. Веднаш по излегувањето, пред аеродромската зграда тие биле нападнати од ривалска група од околу 70 навивачи на Борусија Дортмунд. Дошло до масовна тепачка во која се користеле камења и солзавец. Малубројната аеродромска полиција не можела да го спречи инцидентот. По интервенција на полициски сили од градот Дортмунд, состојбата се смирила. Поголемиот дел од навивачите се разбегале, но полицијата успеала да сопре и да легитимира 32 навивачи на Шалке и 11 гости од Македонија.

Dortmunder Flughafen Fans Schlägerei am 06.03.2013

Дел од „реквизитите“ запленети од навивачите на Шалке по синоќешните инциденти. (Исечок од фотографија на полицијата во Дортмунд)

При преглед на возилата на навивачите на Шалке пронајдени се безбол палки, метални прачки, солзавец и ножеви. Од полицијата најавуваат дека против дел од навивачите ќе бидат поднесени пријави за нарушување на јавниот ред и мир и за обид за нанесување телесни повреди. Нема информации дали некој од македонските навивачи е меѓу пријавените.

Полицијата во Дортмунд смета дека инцидентот го организирале и го предизвикале навивачите на Борусија Дортмунд, и препорачува на сите евидентирани учесници во инцидентот да им се забрани присуство на претстојниот меч меѓу двата тима, закажан за в сабота.

Викендов во германската Бундеслига се игра локалното дерби меѓу Шалке и Борусија Дортмунд во Гелзенкирхен. Ривалитетот меѓу двата клуба и двете навивачки групи е огромен, а неретко се случуваат инциденти пред, за време и по натпреварите.