1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Е-книгите ги препознаваат вашите читателски афинитети

Луѓето се почесто читаат електронски изданија на книги (e- книги), особено при долги патувања. Но ретки се оние луѓе кои знаат дека издавачите на е-книгите располагаат со многу информации за своите корисници.

Додека со воз патува кон своето работно место, 28 годишниот Андре е задлабочен во текстот пред себе. Тој ја чита својата е-книга на електронскиот уред што може да го понесе каде и да оди. На неговиот електронски „читач“ кој навидум изгледа како нотес, може да се зачуваат илјадници книги.

„Кога ќе го вклучам уредот, тој автоматски ја прикажува страницата на која претходно сум запрел со читање. Веќе никогаш нема да морам да ги пребарувам страниците за да продолжам со читање“, објаснува Андре.

Тој е задоволен и од тоа што е-читачите овозможуваат пребарување на зборови или пак превод на цели поглавја. Андре е само еден од многумината кои го следат овој брзорастечки тренд. Истражувањето на Универзитетот во Хамбург покажа дека секој четврти Германец поседува барем една книга во електронско издание. Во последниве шест месеци, Германците од интернет купиле или превземале околу 4,6 милиони електронски книги за своите уреди. Тоа ја надминува севкупната продажба од 2011 година.

Протекување на информации

Производителите како „Киндл“, „Кобо“ и „Сони“ произведуваат уреди специјално наменети за читање на електронски изданија на книги. Но за читање на е-книгите може да се користат и компјутери, паметни телефони и таблет уреди.

„E-книгите нудат многу предности но истовремено создаваат и некои ризици“, вели Тило Вајхарт комесар за заштита на податоци во северно-германската област Шлесвиг-Холштајн. Благодарение на некои од опциите вградени во самите програми за читање, издавачите на книги можат да ги следат читателските афинитети на своите корисници“, објаснува Вајхарт.

„За издавачите на електронски изданија, како на пример ’Амазон’, од клучна важност е да ги знаат интересите на своите корисници. Начинот, брзината на читање, речениците кои ги подвлекуваме, нашите читателски навики… Се’ што произлегува од читателите е важно за издавачот“, смета Вајхарт.

Што се’ е познато

Универзитетот од Хамбург во своето истражување посочува дека на еден просечен читател, му се потребни околу седум часа за во целост да ја прочита електронската верзија на последната книга од трилогијата „The Hunger Games“ (Игри на гладните) од писателката Сузан Колинс. Во просек, тоа се 57 прочитани страници за време од еден час.

Наредниот пример е во однос на тоа, што читателите подвлекуваат: „Во општество каде што постои целосна еднаквост, луѓето со понизок социјален статус може да се обвинуваат само себеси“ е најподвлекуваната реченица во електронското издание на контроверзната книга „Германија се укинува самата себеси“ од авторот Тило Сарацин.

Еротските наслови полесни за следење

E-Reader auf der Frankfurter Buchmesse 2008, präsentiert am Stand Books & Bytes in Halle 3.0

Електронското издание на еротскиот бестселер „50 нијанси на сиво“ постигна очекувано висок успех. Овој роман во електронска верзија беше два пати повеќе продаван за разлика од печатеното издание. Сепак, читателите кои се чувствуваат побезбедно кога еротските романи ги читаат во електронска форма, треба да знаат дека и понатаму може да бидат забележани од издавачите.

„Начинот на кој во Германија се собираат и анализираат читателските навики е прилично непознат“, вели Вајхарт.

„Единствено што знаеме за оваа постапка е дека постои и се случува. Таа постои и во САД но тамошните закони за заштита на податоци не ја забрануваат“.

Нови предизвици за издавачите, авторите и читателите

Поединци кои што од интернет преземаат обемна литература поврзана со тероризам или пак литература од арапски автори, може да имаат потешкотии при обидот да добијат престој во САД.

Дали електронските книги ги „читаат“ своите читатели? Електронските издавачи во САД се секогаш во можност податоците за читателската публика да ги споделат со авторите. Тоа, се разбира овозможува полесна селекција на потенцијалните купувачи.

Електронските книги очигледно прават многу повеќе од нивната примарна цел да обезбедат примамлива содржина. Тие ги ставаат авторите, издавачите и читателите пред нови искушенија и предизвици.