1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Е-книгата“- закана или предност?

Во книгоиздавачката бранша во Германија во моментов нема тема за која пожестоко се дискутира од т.н. електронска книга или накратко „е-бук“, иако приходот остварен од нејзината продажба се движи во нано вредности.

default

За едни електронската книга има големи предности пред печатената: таа е поеколошка и штеди на хартија, а покрај тоа е неверојатно практична. Конечно цела приватна библиотека може да се стави и земе со себе на еден лесен апарат. Други пак наспроти тоа ги сметаат „е- книгите“ и електронските апарати за нивно читање како ладни и без душа, кај кои недостасува мирисот и шушкањето на хартијата или на пример можноста со фломастер да се подвлекуваат впечатливите делови.

Но без оглед на ваквите забелешки книгоиздавачите, книжарниците и познавачите на браншата се согласуваат дека електронската книга кога-тогаш ќе го преврти на глава книгоиздаваштвото. Бројките меѓутоа засега не го потврдуваат тоа.

Слаба понуда на бестселери во дигитализирана форма

Во Германија уделот од продажбата на дигитални книги, „е-бук“ во севкупниот промет со книги е помал од еден насто и тоа од две причини, вели Роланд Шилд, директор на „Либрека“ онлајн продавница на електронски книги:

Symbolbild Lesen

„Од една страна понудата на бестселери во дигитално издание е недоволна, а со тоа и неатрактивна за мнозинството читатели. А од другастрана нема адекватни уреди за читање на електронските книги, т.н. ’е-бук читачи’“, објаснува Шилд, дополнувајќи дека на пазарот доминира апаратот на „Епл“ - „Ај Пед“, но оти дури допрва ќе се појават многу нови уреди со сличен квалитет од други производители.

Онлајн продавницата „Либрека“ има 25 илјади наслови. Само за споредба: на германскиот пазар на печатени книги има околу 1,2 милиони наслови.

Во иднина ќе се пачати само убавото

Вториот проблем е потенциран пред се’ со различните формати за посебните уреди за читање: „За жал имаме ситуација во која токму големите понудувачи инсистираат на сопствените формати, со што електронските книги можат да се читаат само на нивните уреди. Тоа е лошо за потрошувачите, кои ако го променат читачот, мора да купат нова бибилиотека“, објаснува Шилд.

Но со овој нов свет настануваат и нови предизвици. Ако на пример книгите се’ повеќе се дигитализираат што ќе стане со книжарниците? Некои веруваат дека за книжарската бранша следуваат тешки времиња и таа ќе мора да развие многу нови идеи за да се одржи. „Во иднина ќе се печати само она што е навистина убаво, а она што на брзина се чита, како на пример овој или оној крими роман, тоа нема да се печати“, вели Херман Арндт Ритмилер од книжарницата Озиандер која покрај 22-те филијали во Германија сега има и интернет продавница.

Автор: Надине Војчик/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска