1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ејде ги отфрла обвинувањата

Кратко пред да бидат објавени резултатите од повторното пребројување на гласовите во Авганистан, специјалниот пратеник на ОН Кај Ејде ја правдаше својата улога. Тој го критикуваше неговиот поранешен заменик Галбрајт.

default

Избори во Авганистан

Кај Ејде дојде на прес-конференцијата со силна придружба: тука беа амбасадорите на Германија, САД, Велика Британија и Франција, потоа пратеникот на ЕУ, како и цивилниот претставник на НАТО за Авганистан. Сите заедно требаше да и’ покажат на јавноста дека го поддржуваат специјалниот пратеник на ОН, наспроти обвинувањата што против него ги подигна неговиот заменик Питер Галбрајт. Ејде нагласи: „Тоа беа не само лични обвинувања против мене и мојот интегритет, туку тие го нарушија и целиот изборен процес.“

Питер Галбрајт тврдеше дека видел голем број докази за изборни манипулации и сакал да и’ ги достави на меѓународната Комисија за поплаки. Но, неговиот шеф, Кај Ејде, бил против ширењето на овие информации и згора на тоа спречил заменикот Галбрајт и другите соработници да спроведат мерки што би ги намалиле размерите на изборната измама.

Ејде ги отфрли обвинувањата

UAMA Pressekonferenz in Kabul, Afghanistan

Кај Ејде

Кај Ејде ги отфрли уште еднаш ваквите обвинувања, но сепак призна: „Имаше масивни изборни измами, но во овој момент би била чиста шпекулација да се посочат конкретни бројки.“

Набљудувачите на ЕУ оценија дека околу една четвртина од изборните ливчиња биле лажни или барем сомнителни. Повеќе од еден милион од вкупно 1,5 милиони спорни ливчиња биле за актуелниот шеф на државата Хамид Карзаи. Тој, според некомплетните резултати, освоил 55 проценти. Карзаи во меѓувреме апелираше до Изборната комисија да побрза со објавувањето на резултатите од претседателските избори што се одржаа на 20 август, со што деновиве би можел да се знае конечниот победник. Неговиот најсериозен конкурент, Абдула Абдула, според досегашните резултати освоил 28 проценти од гласовите.

Обвинувањата за изборна измама ја нарушија довербата

Најголемиот број Авганистанци меѓутоа веќе се помириле со фактот дека Хамид Карзаи ќе остане на чело на државата уште еден мандат. Според проценката на Хамидулах Нор Ебад, раководител на Националниот центар за политички истражувања при универзитетот во Кабул, избирачите тешко би можеле сега да се мобилизираат на повторно излегување пред гласачките кутии, доколку конечните резултати бараат втор круг на изборите. Она што е сега сигурно, тоа е дека тешките обвинувања за изборна измама во корист на Хамид Карзаи, како и нетранспарентната постапка на проверка на ваквите обвинувања ја нарушиле довербата на Авганистанците кон изборниот процес во земјата.

Згора на тоа, во Авганистан кружат и бројни гласини дека министрите на САД и на другите членки на НАТО се договориле однапред дека е подобро Карзаи да остане претседател. Со тоа се засилува впечатокот дека судбината на Авганистан е во рацете на странските сили.

Автор: Сабина Матај / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска