1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ештон: Јанукович ќе го потпише договорот со ЕУ

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон денеска (12.12) изјави оти украинскиот претседател сепак планира да го потпише договорот за асоцијација со Унијата.

Кетрин Ештон тврди дека Јанукович и‘ дал такво ветување при нивната последна средба во Киев. Според првата дипломатка на ЕУ, краткорочните економски и финансиски проблеми со кои се соочува Украина можат да бидат надминати со потпишувањето на Договорот за асоцијација, кој би донесол и свежи инвестиции од земјите на ЕУ.

„Јанукович јасно ми кажа дека планира да го потпише договорот за асоцијација“, тврди Ештон.

Одбивањето на претседателот Јанукович и премиерот Микола Азаров да го потпишат договорот со ЕУ минатиот месец предизвика бран протести во земјата на про-западните опозициски партии и нивните поддржувачи.

Украинските власти стравуваат дека евентуалното потпишување на договорот со Брисел би влијаело негативно на односите на Киев со Русија, која очекува земјата да остане под нејзиниот политички чадор.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Украина е посакуван партнер, но оти земјата нема обврска да стане членка на договорената Царинска унија, во која членуваат и други пост-советски републики.

„Не наложуваме ништо никому, но доколку Украина сака да и‘ се придружи на царинската унија, подготвени сме да ја продолжиме соработката на експертско ниво“, изјави Путин.

Украинскиот премиер Азаров вчера изјави дека на земјата ќе и‘ бидат потребни заеми и поволни кредити во износ од 20 милијарди евра, за да се откаже од поблиската соработка со Русија и да го потпише договорот со ЕУ.