1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ештон оствори дипломатско претставништво на ЕУ во Мјанмар

По укинувањето на најголем дел од санкциите против Мјанмар, сега е отворено и дипломатско претставништво на Европската унија во земјата, во која со децении владееше воена хунта.

Европската унија во Мјанмар, поранешна Бурма, повторно има дипломатско претставништво. По долги години дистанцираност од воената хунта, која владееше со земјата, денеска специјалната претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон заедно со лидерката на опозицијата Аунг Сан Су Чи и со регионалниот министер Нјинт Све ја отвори новата канцеларија на ЕУ во пристанишниот град Рангун. Ештот притоа го охрабри раководството во Мјанмар, по делумното повлекување од власт на војската, да продолжи со реформите.

„Политичкото отворање на оваа земја во југоисточна Азија мора да е неповратен процес дури и ако за него ќе биде потребно определно време“, изјави Ештон.

Европската унија на почетокот на неделата, како реакција на реформскиот курс започнат во Мјанмар, укина најголем дел од санкциите против оваа држава. Според одлуката од состанокот на министерскиот совет на ЕУ во Луксембург оваа мерка ќе важи една година, а потоа ќе биде преиспитана.

Притоа на пример ќе бидат укинати забраните за увоз на стоки и услуги од Мјанмар, како и забраните за влез во ЕУ на високи претставници на владата во оваа земја. Во сила остана забраната за извоз на оружје во Мјанмар.

Во недела во Мјанмар треба да допатува и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.