1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ештон на Балканот

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон неделава ќе ги посети Македонија, Црна Гора и Албанија.

Можно е во турнејата да бидат вклучени и други земји од Западен Балкан, како Србија и Косово, меѓу кои Европската унија се обидува да посредува, се наведува во соопштението на Ештон. Посетата на Ештон на земјите од Западен Балкан има за цел да го зајакне ангажманот на ЕУ за нивна идна интеграција во Унијата. „Ќе ги охрабриме шефовите на државите од регионот да продолжат со реформите и да развиваат односи на добрососедство“, изјави Кетрин Ештон.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски минатата недела, по информациите во некои медиуми дека посетата на Ештон можеби има врска со решавањето на проблемот со името, рече:

„Се работи за нормална комуникација со ЕК по завршувањето на последниот пристапен дијалог на високо ниво. Ештон е фокусирана на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но не мислам дека има корелација во однос на континуираниот процес кој го водиме во ОН за решавање на спорот со Грција“, рече Попоски.